ВестиМакедонија

Во Тетово за една година без работа останаа 7.588 лица, од кои 1.157 поради пандемијата

Вкупното население на Тетово, заедно со петте околни општини, е околу 180 илјади жители. Од нив, над 20 илјади лица се пријавени како невработени.

Вкупно 7.588 граѓани од Тетово и од пет околни општини се додадени на списокот на невработени лица во последните 12 месеци, од кои 1.157 останале без работа поради последиците од пандемијата на ковид-19. Во исто време, минатата година вкупниот број на невработени во овој регион изнесуваше 13.194 лица, додека денес е 20.728, пишува Порталб.мк.

Вкупното население на Тетово, заедно со петте околни општини, е околу 180 илјади жители. Од нив, над 20 илјади лица се пријавени како невработени. Според ова, секој деветти жител во Полог е невработен. Бројот на лица пријавени во Центарот за вработување поради откази во време на кризата со корона вирусот, за една година е над 1.100.

„Во периодот од 11 март 2020 година, до 28 февруари 2021 година, односно една година од почетокот на пандемијата со ковид-19, вкупно 1.157 лица биле отпуштени од работните места и се пријавиле во Центарот за вработување во Тетово. Понатаму, бројот на лицата кои за прв пат се пријавиле како невработени изнесува 2.520“, рече Љупчо Апостоловски, раководител на Центарот за вработување во Тетово.

Според основот за престанок на работниот однос, во повеќето случаи станува збор за непродолжување на договорот за работа, додека во однос на видот на работата, повеќето од засегнатите лица биле вработени во преработувачката дејност и во трговијата на големо и мало. Апостоловски додава дека од вкупниот број на невработени лица во овој регион, што е над 20 илјади, 4.608 лица се пасивни баратели на работа.

„За еден месец, од јануари до февруари 2021 година, бројот на невработени е зголемен за 310 лица“, додаде тој.

Инаку, во Скопје има вкупно 30.636 невработени лица, во Куманово 16.219, а во Гостивар 11.295.https://meta.mk/portalb-mk-vo-tetovo-za-edna-godina-bez-rabota-ostanaa-7-588-licza-od-koi-1-157-poradi-pandemijata/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close