fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Во сабота е Голема Богородица, празник на мајките и жените

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето.

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.

Меѓу позначајните празници што македонскиот народ ги празнува со посебно внимание се и неколкуте празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Поради тоа и повеќе цркви низ цела етничка Македонија го носат нејзиното име.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.

Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот познат како Голема Богородица се празнува на 28 август според новиот (односно на 15 август според стариот) календар. За подостоинствено празнување на овој празник му претходи двенеделен пост што започнува на 14/1 август, односно на празникот Св. седум маченици Макавејски. Иако култот на Пресвета Богородица имал значајно место во христијанскиот свет уште од најстари времиња, сепак, празникот на нејзиното успение не се празнувал од почетокот. Во почетокот се празнувал празникот Собор на пресвета Богородица, веднаш по Божик, а подоцна од овој општ празник на мајката Божја како и другите нејзини празници се одделил и празникот на нејзиното Успение.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close