Цената на месото и месните преработки може да падне, а не да се качи
Индустријата за месо и месни преработки која користи свинско месо засега не е засегната од појавата на африканската свинска чума
По појавата на првиот случај на африканска свинска чума и тоа на истокот од земјата, во делчевско, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш ги спроведе пропишаните вонредни мерки за вакви случаи.
Како што информираше директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, АХВ во соработка со Министерството за земјоделство, МВР, преработувачката индустрија, одгледувачите на свињи во Делчево и другите засегнати страни, уште од првиот ден на откривањето на првиот случај на африканска свинска чума ги спровела сите задолжителни мерки за заштита и успешно справување на вирусот. Тоа подразбира и депопулација, односно уништување на свињи од зафатените и ризичните фарми.
-Во првата зона од 3 километри од фармата каде што се појави африканската свинска чума се уништени 195 свињи, а лешевите се депонирани во сточна јама со преземени сите мерки за да се спречи ширење на болеста, рече Бабовски и најави дека вакви мерки ќе се преземаат секаде каде што е потребно.
Индустријата за месо и месни преработки која користи свинско месо засега не е засегната од појавата на африканската свинска чума, иако преработувачите велат дека никогаш не може да се предвиди дали може да се појави во следните неколку месеци.
-Сите фармери со кои соработуваме ние се со одлични биосигурносни мерки, така што нема опасност од месото што ние го набавуваме, вели за „Слободен печат“ Гоце Трајчев од МИК Свети Николе.
Дека месото добиено од свињи, кое е прегледано, и за него е добиен негативен резултат на свинска чума не претставува опасност за консумирање од страна на граѓаните ни потврдија и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
И покрај уништувањето на свињите, фармерите ги задоволуваат потребите на граѓаните и месната индустрија. Како што информира директорот на АХВ Бабовски, кога станува збор за свинското месо во земјава има и вишок производство, па не сме увозно зависни.
-Не само што не очекуваме да се зголемат цените на свинското месо и преработките од месо туку се плашам дека цените и би можеле да паднат, вели за „Слободен печат“ Трајчев, кој е претседател на групацијата на производители и преработувачи на месо. –Ние преработувачите немаме никаква заштита од државата за разлика од фармерите кои добиваат субвенции. На нашиот увоз ние плаќаме царини.
Тој причините за евентуалниот пад на цените на месните преработки ги лоцира во економската криза и неограничениот увоз.
Во врска со извозот на македонски месни производи со свинско месо Трајчев вели дека засега немаат никакви забрани и ограничувања бидејќи во земјите каде што најмногу се извезува свинската чума се има појавено уште од пред една година, а во Бугарија не се извезува бидејќи е членка на Европската унија.https://www.slobodenpecat.mk/krizata-go-zema-danokot-cenata-na-mesoto-i-mesnite-prerabotki-mozhe-da-padne-a-ne-da-se-kachi/