
Цветан Трипуновски ја “преживеа” интерпелацијата
Собранието не ја изгласа интерпелацијата за работата на министерот Трипуновски
Собранието не ја изгласа интерпелацијата за работата на министерот Трипуновски

Собранието вечерва, со 62 гласови против, 21 „за“ и ниту еден воздржан, ја отфрли интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Интерпелацијата ја поднесоа пратениците од СДСМ и Коалицијата за европска иднина поради, како што истакнаа, катастрофалните резултати, намалените субвенции, неисполнетите ветувања, падот на откупните цени, блокираните европски средства, коруптивните скандали и огромното незадоволство кај земјоделците. Со интерпелацијата се бараше политичка одговорност и оставка од Трипуновски.
Мнозинство ја квалификува интерпелацијата како беспредметна, неоснована и неиздржана, но и како политички маневар за дефокусирање на јавноста од вистинската одговорност за „пустошот, долговите и девастацијата што во земјоделството ги остави претходната власт на СДСМ, предводена од поранешниот министер Љупчо Николовски“.
Трипуновски, рекоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, покажа како се работи одговорно, домаќински и транспарентно, а МЗШВ раководено од него, за рекордно време испорача конкретни, мерливи и видливи резултати.
-Сите обвинувања што ги расфрлате како пердуви во јавноста, не се поддржани со аргументи. Довербата што сме ја добиле ќе ја оправдаме, а времето ќе покаже какви политики води ВМРО-ДПМНЕ, а какви водеше СДСМ. Немојте да изнесувате само политички флоскули дека нешто е катастрофално. Дворот беше премногу валкан и презадолжен – таква ситуација наследивме од вашите седум години власт. Да имавте барем малку доблест да работите домаќински и економски, денеска ќе беше многу поинаква ситуацијата, им порача министерот Трипуновски на пратениците од опозицијата.




