fbpx
ВестиМакедонијаСоветиТоп вести

Далија или АЛДУЗ

Треба да се посади на место каде нема цел ден да биде изложена на сонце во хумусно – глинеста земја и да има доволно влага

Далијата уште се нарекува и Георгина, а потекнува од Мексико. За првите растенија кои стигнале во Европа кон крајот на XVIII век се мислело дека се зеленчук. Но Андреас Дал ја открил убавината на цветовите, па по него ова растение го добива името Далија. Во Белгија се одгледани првите двоструки вариетети и така се зголемува интересот за одгледување и вкрстување на видовите со што е создаден цел спектар на бои и големини. Има минијатурни кои растат како грмушка висока 20 cm, па се до високи видови кои може да порастат до 150 cm. И големината на цветот варира од 10 до 25 cm па и повеќе. Најголемиот цвет до сега забележан имал дијаметар од 53 cm. Освен по големината, цветовите се разликуваат и по својот изглед.

Далијата е многу издржливо растение. Треба да се посади на место каде нема цел ден да биде изложена на сонце во хумусно – глинеста земја и да има доволно влага. Во периодот додека цвета потхранувајте ја на секои 15 дена со течно ѓубриво кое има поголема количина на калиум од азот.

Цвета доцна во летото, но ако се посади прво во саксија па подоцна кога е веќе силно растението се пресади во градината, можно е да процвета во мај и да цвета до првите мразови. Ако одгледувате високи видови, мора до растението да ставите и колец на кој подоцна ќе се придржува. Кога ќе порасне 25-30 cm лесно врзете го за колецот. Се размножува со семе или со садење на веќе закоренети садници.

Потребно е да ги откинувате врвовите по третиот пар листови, за да добие убав грмушкаст изглед со многу гранчиња и цветови. Овенатите цветови мора да ги отстраните за да се продолжи времето на цветање.

Во доцна есен кога мразот ќе ги оштети листовите, одрежете го стеблото на околу 15 cm над земјата и извадете ја луковицата. Истресете ја од земја, свртете ја наопаку и оставете ја така да се суши околу 7 дена. Потоа ставете ја на место заштитено од мраз, обвиткана во хартија од весник или закопана во тресет.

 

 

Слични написи

Back to top button
Close