Дарко Матески од Прилеп сади горчлива диња која помага во борбата со многу болести
Дијабетичари и болни од канцер ја бараат, помага и за некои вирусни болести, вели Дарко за Фактор
Мал број македонски граѓани ja садат карелата – горчливата диња која е корисна во борбата со повеќе сериозни болести.
Оние кои се соочуваат со сериозни здравствени проблеми, ја бараат. Карелата има многу малку калории, но содржи многу витамини и минерали и бројни материи кои позитивно делуваат на здравјето и имунитетот. Горчливата диња содржи и активни растителни соединенија кои делуваат како антиоксиданти.
„Јас ја одгледувам веќе 10 години и целата количина ја продавам. Онака ја пуштив на Фејсбук, да имам некој контакт, да дознаат луѓето. Дијабетичари и болни од канцер ја бараат, помага и за некои вирусни болести, за многу работи е корисна. Но, 90 отсто ја купуваат болни од канцер и дијабетичари. Најмногу купувачи има од Скопје, но има и од цела Македонија. Ги има од различни градови, од Струга, Гевгелија, Битола, од секаде. Лани имав купувачи од Србија, затоа што таму не можеле да ја најдат. Луѓето споделуваат информации од еден на друг и ја бараат. Немам голема површина, а семето го набавувам од Хрватска. Ја продавам на тие што им е потребна, мали количини, не сакам да ја продадам цела количина на големо. Ја продавам свежа и смрзната во коцки. Замрзнатата ја земаат повеќе. Карелата има краток период на траење свежа, а потоа ја преработувам за да ја имам преку цела година. До 3 години се смета дека не губи од својствата, ама јас ја продавам брзо, истата година се трошат количините“, вели Дарко Матески од Прилеп.
Тој додава дека карелата не е тешка за одгледување, не бара некоја посебна нега или прскање.
„Не е тешка за одгледување, но ја има кратко време, треба од март да се сее, и се бере во септември. Нормално бара вода како и секое друго растение. Јас би се радувал да ја одгледуваат повеќе луѓе. Нека постои, нека ја има во Македонија. Татко ми случајно дојде на идеја да ја садиме. Ми рече на интернет да проверам, што е, како е, и така почнавме, нема некоја посебна причина зошто почнавме да ја одгледуваме“, објаснува Матески за faktor.mk