вестиМакедонијаТоп вести

Таинствените „огнени знаци“ на фасадите на конзулска Битола

Знаците поставени на видни места од фасадата, значеле сигурност за семејството. Оваа култура на живеење битолчани ја прифатиле откако голем пожар се случил во Солун во 1917 година, и го збришал скоро целиот град.

  „Огнени знаци“ се уште стојат на фасадите на старите битолски градски куќи од осигурителни компании од Париз, Лондон, Даблин, Торонто… Овие знаци на фасадите на конзулска Битола, кои кај минувачите се доживуваат како таинствени и будат интерес, се потврда дека уште од крајот на 19 век, поимотните битолски фамилии ги осигурувале своите имоти. Знаците поставени на видни места од фасадата, значеле сигурност за семејството.

Оваа култура на живеење битолчани ја прифатиле откако голем пожар се случил во Солун во 1917 година, и го збришал скоро целиот град. Овој пожар кој траел три дена околу 72 илјади жители ги претворил во бездомници. Вкупно требало да се исплатат околу 3.000 осигурителни полиси, со вкупен износ на договорите за осигурување од околу 3 милиони златни фунти. Мнозинството на осигурителните компании кои ги покривале овие полиси биле од Британија. Штетата после одреден временски период била во целост исплатена. Како последица на оваа голема несреќа што го снашла Солун дошло до зголемување на свеста за ризиците од пожар и неповратно губење на имотот и кај жителите на Битола во тоа време.

 

По ова битолчани станале свесни дека пожарот може да нанесе огромна штета на личниот имот кој што во долг временски период е создаван со големи вложувања и одрекувања.  Поради градежните материјали кои тогаш се употребувале и начинот на градбата на живеалиштата, како и нивната концентрираност во просторот пожарот претставувал реална опасност. Оваа несакана појава била тешко да се избегне. Затоа требало да се превенира и тоа на најдобар и најсигурен начин. Тоа единствено било можно со отворање на осигурителна полиса.

Собраните податоци од тоа време потврдуваат дека од крајот на 19 век, па се до третата деценија од минатиот век, битолските граѓани ги осигурувале своите живеалишта и деловни простории од пожар. Како доказ за големата одговорност и нивната проактивност претставуваат токму овие таканаречени „огнените знаци“ кои се уште можат да се најдат на добар дел од старите фасади во градот. За овие знаци е специфично што се поставувале на дел од фасадата кој што е видлив и од каде што не можат да отпаднат. Исто така и материјалот од кој што се изработени е многу отпорен на различни влијанија. Доколку се случел пожар на објектот лесно можело да се утврди за која осигурителна компанија се работи. Ова претставувало доказ кој требало да ја надомести штетата затоа што често во самиот пожар страдала и осигурителната полиса.  На фасадите можат да се сретнат знаци на следните осигурителни компании:

L’Union Compagnie d’Assurances од Париз (Франција) основана во 1828 година;

Northern Assurance Company од Лондон (Британија) основана 1836 година;

The Patriotic Assurance Company од Даблин (Ирска) основана во 1824 година;

Western Assurance Company од Торонто (Канада) основана во 1851 година, и многу други.

Првите облици на осигурување потекнуваат уште од времето на првобитната заедница. Повеќе поединци се здружувале со цел создавање на заеднички фондови. Со овие фондови кои се состоеле од храна, пред се житарици, тие можеле да пребродат евентуални кризни ситуации. Елементи на осигурување можат да се најдат и кај најстарите цивилизации. Првата осигурителна полиса  која што е сочувана датира од 1182 година, откриена во Ломбардија. Таа се однесувала на поморско осигурување.

Во последно време се почесто сме сведоци на огромни штети кои настануваат поради суша, поплави, град и други елементарни непогоди. Најпогодени од овие несакани појави се земјоделските и овошните насади, при што најголем дел од штетите ги трпат граѓаните од руралните средини.

Сите досегашни анализи укажуваат на тоа дека најдобра заштита против вакви непогоди претставува осигурувањето. Поради ова и државата се вклучува во субвенционирање на голем процент од трошоците за добивање на осигурителна полиса.

Како што вложувањата во овој сектор се зголемуваат така и ризикот од евентуална штета станува се поголем. Сепак на осигурувањето сите се присетуваат откако ќе се случи катастрофата.

Доколку се прави анализа за бројот на разни осигурителни полиси кои ги поседуваат нашите граѓани, ќе се дојде до заклучок дека на нашите простори се уште не постои висока колективна свест за потребата од осигурување.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close