Денес стапува во сила руската забрана за увоз на праски

Од денес стапува во сила руската забрана за увоз на праски. Причината за ваквата одлука  на Русија е поради наводно постоење на габи во пратките.

Станува збор за времена забрана што ја објави Руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола на својата интернет страница, но македонските власти за нејзиното воведување не добија официјално известување.

Причина за тоа, според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, е отежнатата комуникација меѓу двете земји поради новата владина структура во Русија. Тој вели дека не се знае точно колкави ќе бидат штетите од застанувањето на извозот од Македонија кон Русија.

Како што нагласи министерот Николовски се прават обиди да им се помогне и на производителите и на откупувачите.

Откупувачите се загрижени и велат дека трпат огромни штети. Производителите пак сметаат дека ваквиот потег на Русија е политички зашто досега извезувале без никакви проблеми.

Министерот ЖНиколовски  најави дека се бара алтернативен пазар за праските што нема да се пласираат во Русија. Како опции ги наведе британскиот, албанскиот и косовскиот.

Дали извозот на праски ќе продолжи, ќе се знае по контролите на надлежните органи во Македонија и Русија.

Забрана за увоз на праски во Русија освен за Македонија има и Србија.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

Share Button