fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Денеска се одржуваат единаесеттите парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори

Изборни нерегуларности можат да се пријават до Државната изборна комисија на телефонскиот број 0800 555 44.

Денес се одржуваат единаесеттите по ред парламентарни избори во Македонија, како и вториот круг од претседателските избори. Граѓаните со само една посета денеска ќе можат да гласаат на 3.480 избирачки места.

На парламентарните избори, тие ќе можат да избираат помеѓу 17-те изборни листи, меѓу кои коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, партијата Левица, коалицијата „Европски Фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Вреди“, движењето ЗНАМ, партиите Родина, Македонска Ера Трета, Демократи, Единствена Македонија, Нова Алтернатива, Аваја, Твоја, Десна, Работничката партија, како и за групата избирачи Џула Челику.

На овие избори, право на глас имаат 1.815.350 избирачи, односно 1.033 избирачи повеќе од претседателските избори, а оваа бројка се разликува генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.

По изборите, столчињата во Собранието ќе ги пополнат по 20 пратеници од шесте изборни единици.

Претседателски избори

Во вториот круг од претседателските избори влегоа кандидатите Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, откако во првиот круг од изборите кој се одржа на 24 април, ниту еден од кандидати не освои 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список.

За претседател ќе се избере кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Во меѓувреме, доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

На претседателските избори, право на глас имаат 1.814.317 избирачи.

Гласањето на избирачките места трае до 19 часот.

Инаку, во текот на вчерашниот ден гласаа болните и изнемоштени лица, луѓето сместени во старските домови, како и затворениците и притворениците. Исто така, вчера гласаа и македонските државјани во дијаспората, но само за претседателските избори.

Изборни нерегуларности можат да се пријават до Државната изборна комисија на телефонскиот број 0800 555 44. За било каква повреда на избирачкото право, граѓаните можат да се обратат и до Народниот правобранител на телефонскиот број 0800 54321, а освен преку телефон, граѓаните ќе можат да пријават и во главната канцеларија во Скопје, која се наоѓа на улица „Македонија“, број 19.

За двојните избори акредитирани се вкупно 1.999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најбројни се домашните набљудувачи, односно 1.078 луѓе. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите акредитирани се 66 странски новинари.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close