
Десет нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози, АХВ вели нема опасност за луѓето
Во текот на вчерашниот ден, во Агенцијата за храна и ветеринарство бил одржан итен состанок на експертската група за болеста чума кај мали преживари и сипаници кај овци и кози. На истиот, беше презентирана епидемиолошката состојба со болеста во Македонија и регионот, се разговарало за моменталните мерки кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство за справување со жариштата, како и позитивните и негативните страни од можната примена на вакцинација како метод за справување со болеста во Македонија.
На почетокот на јули во земјава потврдени се вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Болеста е потврдена во одгледувалишта во населеното место Саса, општина Македонска Каменица, село Соколарци, општина Чешиново – Облешево, село Бигла, општина Делчево, села Малино и Косевица, општина Свети Николе и село Сопот, општина Куманово. Во моментов според АХВ има вкупно 17 потврдени жаришта со заболнени над 2700 животни. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и 2 одгледувалишта на овци и кози. Првото потврдено жариште беше во јануари годинава во село Лопате, општина Куманово.
-По добивањето на согласност за локација за закопување на животните, АХВ ќе продолжи со депопулација на животните во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. До сега Агенцијата изврши депопулација (убивање на животните во одгледувалиштата) на над 1.400 животни, а во текот на вчерашниот ден спроведе депопулација на одгледувалиштето во село Сопот, општина Куманово со примена на механички метод за евтаназија на животните, информираат од АХВ.
Во текот на вчерашниот ден АХВ одржала работна средба со претставници на здруженија на одгледувачи на овци и сојузот на одгледувачи на овци на Македонија со цел запознавање на моменталната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овци и кози во Македонија, моменталните проблеми со кои се соочуваат одгледувачите на овци, како и презентирање на мерките кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на справувањето со болеста сипаници кај овци и кози.
Дополнително, претставниците биле запознати со биосигурносните мерки кои треба да бидат превземени од сточарите во однос на своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина, како и споделување на печатени материјали за сточарите со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на истата од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето на болеста.




