Деспотовски: Една милијарда евра инвестиции и нови 14.000 работни места во овој мандат се достижна цел
Во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски компании со вкупен износ од 50 милиони евра
Во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски компании со вкупен износ од 50 милиони евра, а во тек се преговори за уште 15 нови инвестиции кои тежат 250 милиони евра. Канадската МАГНА која ќе гради нова фабрика во ТИРЗ Струга е третата нова инвестиција за годинава, и иако поради пандемијата нивните претставници го одложија доаѓањето договорот сепак е потпишан, најави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
-Она што е важно е што самиот тек и реализацијата на инвестициите, не зависи од чинот на потпишувањата. Не робувам на сликање, важно ми е работите да се случуваат, рече Деспотовски.
Тој посочи дека во последните пет месеци успеале да поттикнат интерес кај петнаесет компании, дел од актуелните инвеститори, а дел се нови.
-Тоа се инвестициски проекти кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и со кои се предвидува отворање на дополнителни 5.500 работни места. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор. Секоја работа сакам да ја водам со предизвик, амбиција, но и оптимизам кој се базира на реални бројки. Јас сум реален оптимист и можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна, изјави Деспотовски синоќа во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Деспотовски истакна дека пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори. Тој потенцираше дека две од компаниите со кои се разговара се од фармацевтската индустрија, која како што рече, носи и поголема додадена вредност – повеќе средства во буџетот и повисоки плати.
-Едната е инвестиција во 9 цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Ако го задржиме трендот, а имаме амбициозна агенда и амбициозен работен план којшто веќе го реализираме, слободно можам да кажам дека во мојот тековен мандат можеме да стигнеме и до 1 милијарди инвестиции во ТИРЗ. Исто толку е направено за 20 години, а ние целиме да го направиме за 4. Наша цел се и нови работни места, па ако за 20 години се отворени 14.000, во следните 3 години оваа бројка двојно да ја зголемиме. Јас верувам дека овие бројки се достижни, нагласи Деспотовски.https://nezavisen.mk/despotovski-edna-milijarda-evra-investicii-i-novi-14-000-rabotni-mesta-vo-ovoj-mandat-se-dostizhna-cel/