Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Домашно свинско месо или слободен увоз на смрзнато месо за месната индустрија

Се чека одлука на државата.

На почетокот на 2021 година, а особено во последниот период, во делот на производството и прометот на свинско месо кај нас и во светот е исклучително деликатна состојбата. Во светки рамки, пореметувањата на пазарите заради Ковид-19, африканската свинска чума и поскапувањето на суровините за исхрана на свињите доведе до многу неприродни состојби и негативни трендови скоро на сите континенти. Директно или индиректно нашиот пазар не беше поштеден од ваквите текови и сé уште е под постојан притисок, што создава огромни проблеми во прометот и продажбата на домашните гоеници и свежо свинско месо, нешто што најмногу на свој грб го чувствуваат сточарите одгледувачи на свињи. И во период кога се натрупани проблемите кои притискаат од сите страни, месната индустрија официјално објави дека побарала од Владата, односно од Министерството за економија да се вратат на ниво од 6.400 тони без царински увоз на смрзнато свинско месо наместо сегашните 3.200 тони.

-Групацијата за производство и преработка на месо при Стопанската комора, до Министерството за економија поднесе барање за ослободување на скратените количини донесени на 30.10. 2020 година, и нивно враќање на нивото кое беше во изминатите три години. Доколку не се одобрат количините, и тоа навреме, односно за помалку од еден месец може да се случи пропаѓање на некој од капацитетите на месната индустрија, а со тоа и отпуштања на вработени кои ќе бидат на товар на државата во услови на пандемија. Само како пример месната индустрија користејќи ја оваа мерка од 2018 година, соодветно одговори на увозот на готови производи од увоз преку намалување од 28%. Во случај на не прифаќање на нашите барања може да следи и ценовен шок за потрошувачите со поскапување на месните преработки, рече Гоце Трајчев претседател на групацијата за производство и преработка на месо.

Со ова свое барање месната индустрија во период кога домашните производители на свинско месо мака мачат да ги задржат фармите настојува и понатаму да го воспостави принципот на внесување  на смрзнато свинско месо без царина и по можност со слободен увоз за целогодишните потреби.

Според професорот по свињарство од Факултетот за земјоделски науки и храна, Владо Вуковиќ кој изминативе години во блиска соработка со сите позначајни сточарски фарми работат и постигнуваат производни резултати кои се на европско ниво и кој е целосно запознаен со состојбите во производството на свежо свинско месо, сегашната позиција на месната индустрија е еднострана и воопшто не поставена на развојни темели. Во време кога сточарските фарми кроеја планови како да почнат барем дел од потребите од смрзнато свинско месо во период од неколку години да почнат да го заменат со домашно, месната индустрија во сосема спротивна насока бара трајно да биде ослободена од царини за увоз на смрзнато свинско месо за своите потреби.

2578 – 25 12 2015

-Увозот на смрзнато свинско месо во државата треба да се прави според втемелени проценки, со можност на регулирање на пазарот, што значи дека пуштање на слободен целогодишен увоз во овој момент би бил неодговорен чекор. Државата мора да најде баланс, но и научно втемелено решение, по можност во сопствената Стратегија за земјоделство во делот за свињарството која пред некое време ја донесе. Тешко е да се замисли дека сите заинтересирани страни би нашле добар модус за регулирање на пазарот во овие околности, меѓутоа, парадоксално би било да во дадената состојба вишоците на домашно месо наместо да се откупат за преработки за домашната месна индустрија, се игнорираат, а да во исто време се инсистира на увоз на смрзнато свинско месо без регулациска моќ на државата, смета професорот додавајќи дека улогата на државата во овие околности треба да е проактивна, за да Здружението за свињарство ГИЦКО во соработка со Здружението на месо-преработувачи при Стопанската комора на Македонија ги синхронизираат своите комерцијални интереси, се со цел да не се доведе во прашање развојот на овој сектор и анулирање на досега постигнатите завидни резултати и во обем и во квалитет. Потребно е  брзо решение за настаната криза, со почитување на долгорочните решенија содржани во националната стратегија за свињарство, рече професор д-р Владо Вуковиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Од Министерството за економија во својот став по однос на барањето на месната индустрија велат дека ќе го разгледаат барањето на групацијата за месни преработки со детална анализа и министерството ќе ги земе во предвид и податоците за извоз на месни преработки кои бележат намалување иако намерата на оваа мерка која се носи континуирано од 2018 година е да се поттикне извозот како да се зголеми конкурентноста на домашниот пазар во однос на увезените производи. По направената анализа Министерството за економија ќе ја извести Владата дали постои економска оправданост на барањето на месната индустрија. Во периодот пред велигденските празници вообичаено е намалена потрошувачката на свежо свинско месо поради што се јавуваат вишоци на пазарот за кои за жал постои многу мал интерес за откуп од страна на месната индустрија.

-Доколку во оваа криза секој го гледа само сопствениот интерес занемарувајќи го општиот за жал по подолг период на значаен позитивен производен тренд ќе следи период на стагнација во свињарството. Доколку принципите на развој на земјоделството не се само декларативни и доколку во однос на програмите за развој на земјоделството и руралниот развој постои некоја јасна претстава како понатаму не би требало да се остави на стихијата оваа критична состојба во свињарството ја разрешува непредвидливо, додава професор Вуковиќ.

Дополнително загрижувачка е состојбата со ширењето на африканската свинска чума во соседна Србија кај малите одгледувачи како и сериозната состојба во соседна Бугарија.

 

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close