fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаЛов и риболовТоп вести

Донче Иванов има над 2.000 „трофеи“ од препарирани животни

Иванов е расположен да ги пренесе вештините на препарирање на помладите. Апелира до државата да го земе занаетот под закрила.

Штипјанецот Донче Иванов(74), за повеќе од четири децении препарирал  над 2.000 птици и други животни (влакнест дивеч). Љубовта кон препарирањето се појавила на млади години кога работел како продавач во спортска продавница, каде прв пат ги изложил со своја рака направените „трофеи“, а тоа биле еребица, галеб и мал був. Најмалиот изложен експонат му се допаднал на еден Германец кој влегол во дуќанот по што и паднал договорот, за бувот за возврат да добие ловечки нож. Така и било. Инаку чичко Донче како што милуваат да го нарекуваат штипјани, е последниот препаратор на овие простори, единствен во Источниот регион, а пошироко тој е познат и како страстен ловец и риболовец.

Приказната почнува во дуќанот каде гледајќи во неколку поставени  препарирани птици кај него се јавила желбата и тој да го изучи овој занает. Вели немал пари да плати во тоа време за препарирање и дека сам учел чекор по чекор од преголема желба да научи. Затоа ќе рече дека  е самоук и дека   прочитал нешто од книги, но со  практичниот дел му одело полесно. Сепак признава дека основното во овој занает го совладал подучен  од постар ловџија кој му покажал техника на отворање на отстрелан дивеч. Потоа чекор по чекор, ден по ден, години работа, работите се сложиле само по себе.

-Првото што го направив е птица еребица – камењарка која стоеше во дуќанот како и мал був. Кога дојде еден Германец го бендиса и праша – Колку чини? Јас му одговорив колку еден ловечки нож. Ми донесе нож и јас му го дадов експонатот. Имам дадено многу птици овде и во далечната Австралија, Кувајт  и други земји од Блискиот Исток, се присети Иванов, според кој најтешко се препарираат птиците, а најмногу време е потребно да се препарираат влакнестите отстрелани  животни.

Тој ни ја појасни техниката на работа, онака како што ја практикува и им дава долговечност на веќе отстреланите животни.

-Прво се штави кожата и треба да стои извесно време во штава, потоа се вади, се пере и се суши, има процедури многу и време се губи. На пример да препарирам една свинска глава, таа треба цел месец да стои кај мене. Еден месец до месец и половина додека да ја оформам, додека се исуши по што следуваат поправките-нежно дотерување-финеси, за да дојде да ја земе човекот, вели тој додава дека кај препарираниот дивеч се ставаат стаклени очи. Ваквите очи ги набавува од Грција и Турција и секогаш при тоа гледа тие да бидат соодветни со бојата на животното на коешто работи. Но, освен боење, за препарирање е потребно и познавање на хемијата како наука, вели Донче.

-Очите се бели со црна дамка, јас ги бојам со темперна боја одвнатре. За препарирање се користата и хемикалии како базен хром, алуминска и  класична штава, но јас употребувам мравкина киселина и сол. Потоа се премачкува со хормозон или базен хром, потоа се пере, се суши, се оптегнува кожата, вели Иванов.

Вака препарираните животни имаат долг век на траење, додава тој покажувајќи кон одамна препарирана глава на дива свиња закачена на ѕидот на собата во неговата куќа кој наликува на ловечки музеј, а за која вели дека ја има 40 години откако прво ја острелал, а потоа препарирал и се уште е тука. Тајната на одржување сепак е во штавењето на кожата.

Како што вели нашиот препаратор кожата е штавена исто како обувките и таа не се расипува, но предупреди дека опасни за неговите ловечки трофеи се молците од кои треба да се чуваат, посебно напролет кога треба да се третираат со заштитни средства.

Нема која да го продолжи занаетот на препарирање на животни

Единствениот препаратор на дивеч од истокот го мачи прашањето, дали и овој занает ќе изумре како и многу други за кои нема наследници. Многу пројавиле интерес да научат, но никој не сакал да продолжи со оваа работа.

-Учев многу деца и повозрасни кои доаѓаа кај мене, најмалку 30-тина души, но никој не се нафати да го зафати мојот занает, ниту синот, ниту моите внуци,  вели натажено Иванов, разочаран што нема наследници.

Расположен е да го пренесе занаетот, па апелира државата да го земе под закрила, а добил понуда да биде ангажиран и како ментор за препарирање од Институт по биологија. Тоа не се случило, бидејќи заминал во пензија.

-Штета така се губат стручњаци, би работел и без пари, само да поднаучам некого на занаетот, најмалку десеттина млади, а зошто да не, тоа е себап (добро дело), а се фаќа и по некој денар. Во Штип нема друг, сум слушнал дека има во Кавадарци и Битола. Сега кога ќе дојдат овде ги праќам кај нив. Секој  може  да научи, никој не се родил учен, вели препараторот Иванов.

Сепак, препарирањето животни му е хоби на Иванов кој големината на мајсторството на овој занает никогаш не ја гледал низ призмата на парите кои може да се заработат.

-Пријателството нема цена, а јас преку овој занает стекнав многу пријатели, насекаде во светот, гордо вели тој.

Донче Иванов и сега во овие години може да работи. Спортот зазема големо место во неговиот живот. На млади години бил фудбалер и гимнастичар. Неговиот дух е немирен и покрај годините. Лови дивеч веќе 54 години, а како спортски риболовец два пати во неделата рибари на река Брегалница.

-Сакам да рекреирам, да уживам во природата, вели тој.

Во неговата куќа има мала збирка од триесетина птици и животни за кои вели дека кога ги гледа животните во собата се чувствува како да е во природа, во некоја шума, или во зоолошка градина, едноставно ужива во глетката.

 

Јулија Малинова за Зелена берза

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close