fbpx
Вести

Дополнителни субвенции за автохтони македонски раси добиток

dopolnitelni subvencii za avtohtoni makedonski rasi dobitok

Сточарите кои одгледуваат домашни раси на добиток и следната година ќе можат да поднесуваат барање за дополнителни субвенции. Покрај биволите и говедата од расата Буша, финансиски се поддржуваат и овците од расата Праменка и домашната Балканска коза.

Со Програмата за поддршка на земјоделството и следната година со дополнителни субвенции од 1.500 денари ќе се финансираат говедата од домашната расата Буша.

Со плус 500 денари ќе се финансираат и овците од расата Праменка и кози од расата Балканска.

Минатата година за субвенционирање од 2.500 денари биле пријавени и 21 македонски автохтон Шарпланинец.

Сточарите кои ги одгледуваат овие раси треба да имаат минимум 50 кози и овци и да бидат членови на Призната организација на одгледувачи.

Субвенционирањето е за зачувување на овие автохтони раси кои не се со голема продуктивност, особено говедата Буша и да се намали ризикот од нивното исчезнување од македонските села и фарми.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објаснуваат дека се работи за нископриносни домашни автохтони раси на добиток.

– Субвенциите за овие домашни раси на добиток се даваат со цел да се одржи нивното опстојување, бидејќи се работи за ретки автохтони македонски раси, објаснуваат од МЗШВ,

Право на користење на оваа мерка имаат сите сточари кои одгледуваат ваков добиток и се запишани во Единствениот регистер на земјоделски стопанства.

Покрај оваа мерка од наредната година ќе стапи на сила и мерката за покривање на 80 отсто од трошоците за набавка на високоприносен добиток, со која ќе се подобри квалитетот на производството и одгледувањето на добиток и ќе се зголеми заработувачката на сточарите и оние кои планираат да се занимаваат со сточарство.

Во Македонија поголемиот дел од добитокот не е со висок генетски потенцијал и е потребно преориентирање кон обезбедување на високоприносен добиток кој има повеќекратен бенефит за земјоделците.

Набавката на високоприносен добиток е значајна, бидејќи пред се обезбедува поголем принос, кој значи поголем приход, подобар квалитет на производот, било да е млеко или месо, поголем период на лактација кај добитокот кој дава млеко и поголема месна маса кај добитокот кој е наменет за производство на месо, како и поголеми шанси за конкурентност на европскиот пазар.

Се предвидува поддршка и за оние што одгледуваат крави за месо. За да стигне кравата некаде до 500 кг, за да биде подготвена за колење и за продажба на месото потребно е во просек околу 18-24 месеци, а новите типови на крави ќе може за 12-14 месеци да стигнат до 500 кг и да одат во кланица. На тој начин обртот ќе биде многу поголем и заработката многу поголема.

Средствата се спроведуваат како неповратна финансиска поддршка за набавка на високостелни педигрирани јуници, педигрирани машки и женски приплодни грла овци, педигрирани машки и женски приплодни грла кози и педигрирани свињи, оригинали или хибриди.

Тагови

Слични написи

799 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Close