fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаМакедонијаТоп вести

Екстремната суша силно се одразува и врз Стрежевското Езеро

Главен извор за водоснабдување на Стрежевското Езеро претставува реката Шемница. Поради екстремната суша која што владее во овој период реката е со многу мал доток и не може да го „нахрани“ езерото.

Општо познато е дека покрај природните езера постојат и вештачки езера или акумулации. За разлика од природните кои настанале со тектонски движења во подолг временски период, вештачките езера се производ на свесно делување на човекот. Денес вештачките езера во однос на намената се повеќе функционални и служат за водоснабдување, производство на електрична енергија, снабдување со вода за некој индустриски капацитет, рибарење, наводнување на земјоделски површини и сл. Вакво езеро претставува и Стрежевското Езеро кое се наоѓа на околу 22 километри од градот Битола. Создадено е со насипна брана која има височина од 72 метри. Езерото има должина од 6,5км, просечна широчина од 1км и површина од 7,5 км2 при највисок водостој. Ова езеро со дел од водата за пиење го снабдува градот Битола како и други населби од Пелагонискиот регион. Исто така жедните земјоделски површини на Пелагонија во летниот период се наводнуваат со вода од оваа акумулација. Оваа водена површина е предмет на редовно порибување и затоа е масовно посетена од спортските риболовци, затоа што изобилува со клен, крап, калифорниска пастрмка, сом, плашица, црвеноперка и многу други видови на риби.

Главен извор за водоснабдување на Стрежевското Езеро претставува реката Шемница. Поради екстремната суша која што владее во овој период реката е со многу мал доток и не може да го „нахрани“ езерото. Како последица на високите температури и сушата која што се заканува да ја уништи годинешната реколта на одредени земјоделски култури, континуирано се врши се поголем притисок врз езерото. Поради тропските температури, и потрошувачката на вода од страна на населението е зголемена. Како последица на ова кружат информации дека состојбата со водостојот на Стрежевското Езеро е алармантна. Затоа решивме да ја утврдиме точната состојба на лице место. Веднаш при пристигнувањето наидовме на жална слика. Водата од езерото е многу повлечена. Распукана површина има насекаде околу нас. Се добива впечаток дека дел од некогашното дно се претвора во пустина.  На место каде  што до пред некој месец имаше вода денес се напасува стадо со овци и кози. Состојбата е  загрижувачка. Дел од рибарите кои ги затекнавме ни посочуваат дека толку низок водостој не паметат во последните неколку години.

-И покрај големото повлекување на водата рибниот фонд во езерото се уште не е загрозен. Иднината е непредвидлива и не се знае што ќе биде. Изгубената количина на вода во текот на летото, обично езерото во одредени месеци од годината секогаш ја надополнува. Останува надежта дека тоа ќе се случи и во текот на оваа година, и дека ќе имаме есен и зима богати со врнежи од дожд и снег, со извесна доза на оптимизам ни раскажаа рибарите.

Ситуацијата насекаде е горе-долу иста. Сушата која што владее неколку месеци никако да престане. Скоро на сите вештачки акумулации во државата водостојот е екстремно низок. Драстично намалените врнежи во текот на изминатиот период како и благата и со снежни врнежи сиромашна зима влијаат многу негативно, како на вештачките така и на природните езера. Најголем проблем кој се посочува се климатските промени кои го земаат својот данок. Нерационалното трошење на водата е исто така една од причините кои доведуваат до оваа незавидна состојба.

Не е тешко да се дојде до заклучок дека мора да се изготви долгорочна стратегија поткрепена на научни истражувања. Нашата држава се посочува како една од земјите кои ќе биде најпогодена од глобалното затоплување, поради местоположбата на земјината топка и затоа што нема излез на море. Поради недостиг на вода се предвидуваат црни сценарија за одредени земјоделски култури со намалување на нивните приноси за повеќе од половина. Некои најпесимистички предвидувања одат до таму што прогнозираат пустинска клима во 2100 година доколку ништо не се преземе за да се спречи влијанието на стаклена градина. Позитивен пример во светот претставува Израел каде што можеби најрационално се користи водата за наводнување на земјоделските површини. Тие користат т.н. фосилна вода која што ја извлекуваат од длабочините на земјата. За жал фосилната вода не е обновлив ресурс. Проблемот со менаџирање на водените ресурси е многу комплексен и бара решавање на глобално и регионално ниво.

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close