
Сточарот Никола Пичуловски револтиран – Без да ме извести млекарницата ми го прекина откупот на млекото
Вработениот во млекарницата ми рече сабајлево истури го млекото на земја, ќе дојдам да земам проби за утре.
Никола Пичуловски (49) од село Могила, Пелагониско чија фамилија одгледува 9 молзни крави и 6 јуници утрово добил вест дека неговото млеко нема да се откупува од една од битолските млекарници. Фармата во Могила се води на името на неговиот татко Гоце Пичуловски. Образложението го добил неофицијално од лице кое работи во млекарницата, наместо млекарницата да го извести како што доликува, официјално.
„Утрово кога чекав да ми го земат млекото, имав измолзено 120 литри, камионот на млекарницата не дојде, ниту претходно добив известување за прекин на откупот. Се јавив кај лицето што е шеф на откупот на млекото и го запрашав зошто го нема камионот. Вработениот во млекарницата ми кажа дека не само мене туку и на уште 7 други одгледувачи на крави ни го прекинале откупот. Побарав образложение, ми кажаа дека наводно сум имал афлатоксин во млекото. Што е тоа ниту знам, ниту разбирам. Јас цело време кравите ги хранам со купен концентрат, силажа, купечка храна и не ми е јасно што е проблемот, кога воопшто не сум го сменил начинот на исхрана. Моментално немам известување како кооперант зошто ми е прекинат откупот, а јас бројам штети. Вработениот во млекарницата ми рече сабајлево истури го млекото на земја, ќе дојдам да земам проби за утре. Јас како кооперант од млекарницата земам по 29 денари од литар. Дневно губам по 3500 денари. Кој мене ќе ми ја надомести штетата“, вели Никола за Зелан берза.
Никола вели дека годишно во млекарницата предава по околу 30 тони млеко и никогаш немал проблем.
Никола не е вработен, единствено фамилијата егзистира од фармата со крави.
„Ќе морам да барам чаре за млекото, ако не успеам ќе ги распродадам кравите и ќе барам работа. Поради вакви причини пропаѓа сточарството во Македонија.“, вели Никола за Зелена берза.
А.Б




