fbpx
ВестиРурален туризамТоп вести

Гопеш – Некогаш развиено гратче,  денес напуштено село

На  оддалеченост од 28 км од Битола  во пазувите на Бигла планина се наоѓа с.Гопеш. Гопеш е едно од ретките села во Македонија што има богата историја, но за жал последните жители во селото починале скоро пред две децении и не успеаја да се израдуваат на асфалтираниот пат што води до селото.

Во зима како овогодинешната, кога има многу снег, не тргнувајте да одите во Гопеш. Постои опасност да заглавите, и нема да може да уживате во сите оние убавини со кои е опкружено .

Летно време сликата е многу подруга.  Можеби и ќе сретнете некој потомок во селото што  избегал од градскиот метеж, во својата викендица, за да може да ужива во мирот и тишината.

 

Сместено  во зелена дабова шума на локација меѓу Битола и Ресен, ако го посетите  ќе забележите стари куќи кои се сведок на едно минато, кога животот во Гопеш пулсирал како оној во градовите.

 

  Некои куќи  не одолеале на забот на времето. Останале само темели, но може да се забележат и модерни градби чии сопственици потекнуваат токму од ова село и го продолжуваат аманетот на прадедовците, да ја пренесуваат историјата за Гопеш на идните поколенија.

Постои една легенда како настанало селото, а Гопешанци на големо задоволство ја раскажуваат.

„ Си биле 7 браќа  кои дошле во Гопеш и изградиле 7 куќи. Биле православни христијани , па во близина на куќите изградиле и црква кој ја посветиле на светецот Св. Никола. Велат дека кога Господ го создавал рајот на небото, фрлил едно парче на земјата. Тоа парче било Гопеш,“ раскажува  Горан Наумовски – кмет на селото.

Жителите  што живееле во Гопеш претежно биле Власи. Се претпоставува дека се доселиле од Моско Поле, гратче во близина на Корча , Албанија. Биле многу богати и заради тоа често биле мета на банди и пљачкосувања. Во времето на Али Паша Јанински во 1789 година градот бил разурнат и жителите биле приморани да го напуштат. Барајќи посигурно место за живот, се населиле во Гопеш. Бројот на куќи во Гопеш се зголемувал и достигнал до 900, а во нив живееле 5000 жители. Гопеш наликувало на мало гратче.

Во минатото селото било развиено и во 1900 година биле забележани 22 бакалници, 7 фурни, 5 касапници, 1 фотограф и 1 аптека. Некои го нарекуваат и Мало Крушево. Во некои документи е забележано дека имало 46 извори,  17 јавни чешми, 4 воденици. Имало развиен културен живот и три училишта (грчко,романско и српско).

 

Жителите многу малку се занимавале со земјоделство. Трговијата и занаетчиството биле многу развиени, од каде што Гопешанци го стекнале своето богатсво. Со нивните визии биле пред времето. Имале вроден осет за бизнис. Имало кондураџија, терзија, бербер, фурнаџија. Терзиите биле многу добри занаетчии и за нивната работа се слушало надалеку. Во некои пишани документи е забележано дека терзиите биле многу барани во Мариово. Традиционалната народна носија од тој крај била многу добро изработена и украсена со детали кои не се среќаваат кај облеки од другите реони. Се одело пеш од Мариово до Гопеш за да се изработи убава носија.За разлика од другите региони,  жените во Гопеш не биле вклучени во земјоделските работи. Нивна обврска била одржување на куќата, одгледување на децата и секако се грижеле убаво да изгледаат. Париската мода многу порано дошла на овие простори , за разлика од опкружувањето. За тоа придонело печалбарството. Тоа е едно од причините за намалување на бројот на куќите и жителите.

 

Оделе на печалба во Америка, Бугарија, Романија, Србија. Местото наликувало на урбана средина. Биле изградени три цркви „Св. Никола“, „Св. Илија“ но  најмаркантна е црквата  „Св. Преображение“  која била изградена со помош на мештаните како и донации што ги испраќале печалбарите. Оваа црква денес е со закон  прогласена за споменик на културата и е заштитен објект. Секоја година на 19 август кога се слави денот на црквата се собираат верници  и Гопешанци од сите страни.

  

Сите патишта на војските во минатото  поминувале  низ Гопеш. Австроунгарската војска изградила  воздушна болница  за болни од астма , туберкулоза и срцеви заболувања. Во тоа време донеле и агрегат за струја.

За време на Првата Светска војна кога дошле Бугарите на овие простори , меѓу 50 – 100 семејства биле депортирани во Бугарија.

Периодот на Втората светска војна бил кобен за Гопеш. Новите прилики ги натерало Гопешанци да ги напуштат своите родни огништа. Некои се вратиле назад, но некои останале за секогаш по белиот свет. Но на сите им останал аманет  да го чуваат споменот за Гопеш.

Денес во Гопеш не живее никој. Има изградено 40 викендици кои се користат најчесто во летниот период. Старите распаднати куќи и тишината во нив сведочи за едно убаво време, време кога имало живот во селото. Селото иако ги има сите предуслови за развој на рурален туризан,вода, струја, но  сепак е многу далеку од тоа.  Во црквата „Св. Преображение“ има изградено конаци кои најчесто ги користат планинари, спортисти.  Тагата по родната грутка ја намалуваат  група пензионери  кои престојуваат во викендиците за време на летниот период.  Раздвиженоста во селото завршува со сезоната на берба на ореви и костени.  Неколку  здруженија се обидуваат да го зачуваат споменот за Гопеш со разни активности. Здружението  „Гопеш – наше село“ (Gopes hoara nostra) од Битола  во таа насока  има поддржано проекти за изработка на документарци за Гопеш, но сега ги нема богатите донации од печалбарите од странство  со чија помош навремето се организирале најрзлични манифестации. Она малку што се собира се користи за одржување на црквата „Христово Преображение“.

Зелена берза сакајќи да стави белег на ова убаво село се вклучува во зачувувањето  на споменот за Гопеш со оваа репортажа  со цел да ги поттикне не само потомците туку и сите добронамерници да дадат свој придонес во заживување на овој прекрасен простор, кој некогаш бил убаво гратче, а денес е напуштено село.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close