
Ѓорѓи Каракашев – Климатските промени удираат врз џебот на земјоделците ова нè води да се откажеме од производството
Поради јакото сонце ќе мора над оранжеријата да постави двојна мрежа за засенчување за да се намали температурата под 30 Целзиусови степени, бидејќи растенијата ќе го исфрлат цветот. – Во западните земји имаат успешно производство затоа што поставуваат вентилатори или климатизери во оранжериите. Зошто да не се примени тоа и кај нас? Имаме сонце, имаме фотоволтаици, зошто да не се искористи таа струја за намалување на температурата? Решенијата се тука, само треба да се применат, а од надлежните, во моментов, не гледаме конкретни мерки – потенцира Каракашев.
Македонија влегува во период на почести и подолги суши, кои веќе оставаат видливи последици врз земјоделството и врз економијата. Земјоделците плаќаат повисоки трошоци за производство и за заштита од екстремните температури, а експертите предупредуваат дека без навремени мерки за адаптација, климатската криза може сериозно да го загрози и она малку од домашното земјоделско производство.
– Климатските промени веќе се рефлектираат врз нашиот џеб – џебот на производителите и ова нè води кон ситуација да се откажеме од земјоделското производство и да одиме да работиме во другите стопански гранки – вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Климатските промени и сушите предизвикуваат сериозни економски загуби во македонското земјоделство преку намалување на приносите, зголемување на производствените трошоци и недоволно обесштетување, додека за државата тие значат поголеми буџетски трошоци, зголемен увоз на храна и намалена конкурентност на земјоделскиот сектор.
Повеќе национални процени за климатските ризици во Македонија покажуваат дека најизложени на суша се рамничарските и котлинските подрачја во источниот, централниот и во југоисточниот дел на државата. Современите анализи на аридноста (степен на сувост на климата или на одредено подрачје, односно состојба кога количината врнежи е помала од количината вода што испарува од почвата и од растенијата) покажуваат дека најсувите области се наоѓаат покрај Повардарјето и во источните котлини, каде што има помали количини врнежи, високи летни температури и зголемена испарливост.
Сушата и земјоделските загуби
Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, во повеќе наврати предупредува дека сушите, високите температури и другите климатски екстреми веќе предизвикуваат сериозни економски последици за македонското земјоделство. Тој истакнува дека климатските промени, заедно со поскапувањето на репроматеријалите, ја намалуваат профитабилноста на производството.
– Сведоци сме на драстични климатски промени, кои предизвикуваат екстреми што се невообичаени за нашето географско подрачје. Овие промени се одвиваат во континуитет, но последнава деценија се драстично изразени. Еве, изминатиов месец (мај) имаше невообичаено ниски температури, што доведе до измрзнување на овошките и на градинарските култури и тоа се одразува врз приносот и квалитетот на земјоделското производство. А овој месец (јуни), пак, имаме екстремно високи температури, кои, исто така, влијаат на вегетацијата на растенијата и веќе сме присилени да употребуваме дополнителни заштитни мерки, како засенчување, што ни е трошок и финансиски нè оптоварува во процесот на производство – вели Каракашев за весникот ВЕЧЕР.
Тој посочува дека поради јакото сонце ќе мора над оранжеријата да постави двојна мрежа за засенчување за да се намали температурата под 30 Целзиусови степени, бидејќи растенијата ќе го исфрлат цветот.
– Во западните земји имаат успешно производство затоа што поставуваат вентилатори или климатизери во оранжериите. Зошто да не се примени тоа и кај нас? Имаме сонце, имаме фотоволтаици, зошто да не се искористи таа струја за намалување на температурата? Решенијата се тука, само треба да се применат, а од надлежните, во моментов, не гледаме конкретни мерки – потенцира Каракашев.
Акумулациите во државата од каде што земјоделците добиваат вода за полевање на посевите, според Каракашев, покажуваат повеќегодишен дефицит, затоа што во зима нема снегови и врнежи од дожд, а намалено е и нивото на подземните води.
– Науката сугерира дека Македонија полека, но сигурно потпаѓа во сахарскиот појас и се движи кон пустинска клима. Затоа е потребно во наредниот период да се направи детална анализа на состојбата за влијанието на климатските промени и да се донесе стратегија со мерки за ублажување или превенција од климатските промени. Во спротивно, како држава, ќе се соочиме со страшен дефицит на основните земјоделски производи. Климатските промени веќе се рефлектираат врз нашиот џеб –џебот на производителите и ова нè води кон ситуација да се откажеме од земјоделското производство и да одиме да работиме во другите стопански гранки – заклучува Каракашев.




