
Земјоделците од премиерот Мицкоски бараат помош од вкупно 10ден/кг за црвената пиперка
Земјоделците со допис до премиерот Мицкоски
Од Месно здружение на млади Муртино со ДОПИС ДО ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ. Дописот ви го пренесуваме во целост -Во петокот на 18.09.2026 испративме официјален допис до владата и премиерот Христијан Мицкоски за директна финансиска помош од вкупно 10ден/кг за црвената пиперка.
“Почитуван Премиер,
Како земјоделци и производители на куртовска капија, се соочуваме со исклучително тешка производствена година во која трошоците значително се зголемија, додека откупната цена на пиперката е драстично пониска во однос на претходните години. Оваа состојба нè доведува во тешка и неповолна економска положба.
Во текот на производствената сезона се соочивме со значително зголемени цени на репроматеријалите, ѓубривата, препаратите за заштита, горивото и работната сила. Дополнително, во повеќе наврати бевме погодени од временски непогоди, кои предизвикаа сериозни штети врз пластениците, насадите и очекуваниот род.
Според нашата теренска пресметка, производствената цена на пиперката произведена под пластеници изнесува околу 29 денари по килограм. Во пресметката се опфатени трошоците за подготовка на земјата, ѓубрење, препарати за заштита, наводнување, гориво, подготовка и одржување на пластениците, садење, копање, берење, растурање и амортизација.
Сезоната на откуп започна со цена од 25 денари по килограм, по што за кратко време се намали на 20 денари. Во моментов, според состојбата од терен, селективно се откупува по цена од околу 15–18 денари по килограм за “прва-втора”, односно индустриската класа, која претставува најзастапена класа од производството. Истовремено, откупот се одвива бавно и селективно, поради што значителен дел од произведената пиперка останува по нивите и скапува.
Поради ниските откупни цени, бавниот откуп и неоткупувањето на дел од производството, ние како производители трпиме огромни загуби и се наоѓаме во состојба на сериозен финансиски колапс.
Без итна државна поддршка, како земјоделци нема да можеме да ја надминеме оваа година и да обезбедиме средства за подготовка на следната реколта.
Поради тоа, бараме Владата да донесе одлука за итна комбинирана финансиска поддршка со просечен ефект од 10 денари по килограм, составена од следните два дела:
1. Поддршка од 5 денари по килограм за официјално предадена куртовска капија во регистрирани откупни и преработувачки капацитети, врз основа на откупен блок, фактура или друг официјален документ.
2. Поддршка од 20.000 денари по засаден декар со куртовска капија, со оглед на просечниот принос од 4.000 килограми по декар: 4.000 кг × 5 денари = 20.000 денари по декар.
Овој модел ќе овозможи поддршката да ги опфати и производителите кои успеале да предадат дел од родот, но го продале под производната цена, како и производителите кои поради бавниот и селективен откуп не успеале да го предадат целиот произведен род.
Сметаме дека комбинираната поддршка е најправичен и најсоодветен модел во услови на тековната криза, бидејќи ја зема предвид и реално предадената количина и површината на која земјоделците вложувале во производството. Истовремено, мерката ќе помогне да се зачува производството и да се обезбедат средства за подготовка на следната производствена сезона.
Ова барање е независно и одделно од редовните субвенции и другите мерки предвидени со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Не бараме оваа интервентна мерка да ги замени или намали редовните субвенции што им следуваат на земјоделците, туку таа да се обезбеди како дополнителна помош за ублажување на загубите предизвикани од ниските откупни цени, бавниот и селективен откуп и непреземањето на дел од произведениот род.
Како земјоделци, не сакаме нашата иднина да се темели само на повремена државна помош и интервентни мерки. Нашата цел е да изградиме развиено, предвидливо и одржливо земјоделство во кое производството ќе биде однапред планирано, пазарот ќе биде уреден, а земјоделците ќе имаат јасни услови за работа и сигурен пласман.
Веруваме дека со добро осмислена национална стратегија за земјоделството, навремена институционална поддршка, поврзување со домашната преработувачка индустрија и фер пазарни правила, во иднина ќе можеме самостојно да се справуваме со производствените и пазарните кризи, без постојано да зависиме од итна помош од државата.
Ова барање го поднесуваме како неопходна мерка за надминување на тековната криза, но и како повик за создавање долгорочна визија и јасна насока за развој на македонското земјоделство.
Владата на Р. Македонија доби легитимитет од народот кој верува во подобра иднина, иднина која за нас како производители е неизвесна. Се надеваме и веруваме во вашата конзистентност како Премиер кој ветивте и дадовте недвосмислена подршка на нас земјоделците.
Со почит




