fbpx
ВестиВиноВкусот на традицијата

Винска едукација – како се послужува вино

Постојат неколку фактори кои се клучни за правилно послужување на виното кое е важно само поради фактот што уживањето во него е поголемо доколку е правилно послужено.

Температура – Соодветната температура на служење на виното несомнено ќе го подобри неговиот вкус и мирис. Претерано изладеното вино ги губи своите ароми и вкус, а недоволно оладеното вино е непријатно за пиење, пред сè поради прекумерното испарување на алкохолот кој ги покрива сите мириси и ги менува карактеристиките на виното.

Белите вина секогаш се служат разладени, додека црвените вина се служат на собна температура, се разбира доколку температурата во просторијата не е повисока од 20°C. Исто така, колку е послатко виното, толку поладно треба да се послужи.

Најдобро е да се практикува следното:

Црвено вино се служи на температура од 16°C до 18°C
Бело вино се служи на температура од 12°C до 14°C
Розе вино се служи на температура од 10°C до 12°C
Пенливо вино се служи на температура од 8°C до 10°C
Пред послужување, доволно е виното да се остави во ладилник 20 минути или, пак, да се стави во сад со мраз за да се спушти неговата температура на ниво на посакуваната температура за служење.

Отворање – Виното се отвора со специјален отворач. Првин се отстранува фолијата од горниот дел од шишето и тоа со засекување на фолијата и отстранување доволен дел од неа, за да не се допира течноста со фолијата при ставање на виното во чаша. Зашилениот дел од отворачот за вино се позиционира во средината на затворачот и се врти во правец на движење на стрелките на часовникот, притоа внимавајќи да не се пробие долниот дел од затворачот, затоа што тоа може да предизвика делови од него да паднат во виното. На крај, затворачот се извлекува од грлото на шишето.

Декантирање – Декантирањето е процес на преточување на виното од оригиналното шише во друг сад наречен декантер. Најчесто се декантираат вина кои се постари и кај кои со текот на времето се створил талог на дното од шишето, така што со овој процес се одвојува виното од талогот. Декантирањето е корисно и за вино кое нема талог, односно кај помладите вина со декантирањето виното доаѓа во допир со воздух (аерација) со што побрзо се развива букето и се рафинира вкусот на виното.

Декантирањето на помладо вино е многу лесно. Сè што треба да се направи е да се претури виното во декантерот и да се остави петнаесетина минути во овој сад пред да биде послужено. Декантирањето на постари вина е потешко затоа што треба внимателно да се одвои талогот од течноста. При декантирање на постаро вино, најпрво шишето треба да стои во исправена положба или, пак, во кошничка за декантирање под агол од 45°, барем 12 часа, за да се спушти талогот на дното од шишето. Откако ќе биде отворено, грлото на шишето се поставува во правец на декантерот и под него се поставува извор на светлина (на пр. запалена свеќа) за полесно да биде забележан талогот. Потоа виното полека и рамномерно се преточува во декантерот, сè додека талогот од виното не допре до грлото на шишето. Црвените вина се оставаат половина час во декантерот пред да бидат послужени, а белите дваесет минути.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close