fbpx
Вести

 Градинарите стравуваат за пласманот на „ајварката“

На половина месец од официјалниот старт на бербата на пиперката „куртовска капија“ или кај народот позната како „ајварка“ градинарите се плашат за нејзиниот пласман.

Нивната загриженост доаѓа од големите количини на готови производи што ги имале преработувачите од ланската сезона. На ова неодамна укажаа повеќе градинарски здруженија од струмичко. Иако годинава се очекува  производството да биде помало во споредба со лани кога иамало 60 000 т пипер сепак градинарите се загрижени за пласманот на своето производство .

Покрај залихите кај преработувачите градинарите стравуваат и од последиците што настанаа со невремето   кое го зафати струмичкиот регион. Невремето  направи големи штети на градинарските култури. Не ја изостави и „ ајварката“. Оттаму е оправдан стравот кај градинарите за пласманот на она што остана, бидејќи штетите се огромни. Некои земјоделци ги проценуваат штетите со илјадници евра. За нивното обесштетување ќе одлучува владина комисија по предавање на записниците од општинските комисии за штети.

Со цел да не се повтори сликата со останатите култури,  градинарите апелираат до надлежните да се организира заедничка средба меѓу производителите , преработувачите како и  претставници од  ресорното министерство   за да може навремено да се дејствува. Минатата година „ајварката“ се откупуваше по просечна цена од 12 – 13 денари, цена која според  земјоделците  е нерентабилна  и под производствените трошоци.

Климатските промени имаат големо влијание врз градинарското производство

.

Лошите временски услови влијаат растенијата да ја изгубат отпорноста кај растенијата. Покрај постоечките се јавуваат и нови  болести така што се предизвикуваат големи штети,  велат експертите  за заштита на растенија.

Конкретно кај „ајварката“ температурните разлики во фазата цветање и плодообразување и обилните врнежи лошо се одразија на производството .

Едукацијата на земјоделците како да се справат со болестите е од големо значење. Често земјоделците  се двоумат дали да ја променат културата или агротехничките мерки во производството.

Прашањето како да се справат земјоделците со климатските промени е комплексно и потребно е взаемно барање на решение на сите релевантни фактори. Покрај одгледувањето на култури отпорни на климатски промени, потребно е и применување на соодветни хемиски препарати како и користење на соодветни агротехнички мерки, велат експертите.

Во изминативе години во Струмичкиот регион годишно се произведуваа над 250 милиони килограми најразлични раноградинарски производи. Според земјоделците, годинава вкупното производство е намалено меѓу 30 и 40 отсто во споредба со лани и изминатите години.

Павлина Јовановска

За Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close