
Грчките земјоделци ги радикализираат протестите, владата посегнува по вонредни мерки
Паралелно, АМСМ соопшти дека од вчера попладне е нормализиран сообраќајот на ГП Ники (Меџитлија), додека на ГП Дојран преминот функционира без застои.
И денес продолжија протестите на грчките земјоделци, незадоволни од третманот на производителите на храна од страна на грчката влада. Блокирани се повеќе сообраќајници, регионални и локални патни правци низ државата, како и повеќе гранични премини. Сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) од и кон Македонија повторно беше блокиран вчера од 17 часот, поради продолжениот штрајк на грчките земјоделци.
Ова беше втор прекин во текот на вчерашниот ден, откако Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) претходно информираше дека преминот бил затворен од 11 часот, а потоа дека бил нормализиран околу 15 часот.
Според АМСМ, блокадите се случуваат во различни периоди од денот и веќе неколку дена го попречуваат движењето на возила помеѓу двете држави. Од македонска страна, клучниот премин претпладне работел со ограничувања, но попладне повторно бил затворен за влез и излез.
Паралелно, АМСМ соопшти дека од вчера попладне е нормализиран сообраќајот на ГП Ники (Меџитлија), додека на ГП Дојран преминот функционира без застои.
ГРЧКАТА ВЛАДА СО ИТНИ МЕРКИ
Во меѓувреме, грчката Влада брза да ги отклучи одложените земјоделски исплати, бидејќи земјоделците ги интензивираат протестите низ целата земја, поставуваат блокади на патиштата и организираат конфронтации што предизвикаа загриженост за јавниот ред и економијата, објави Катимерини.
Најмалку 40 земјоделски блокади се поставени низ целата земја, а постојните места за протести се засилуваат секојдневно, според проценките. Тензиите се зголемија со насилни инциденти пријавени на аеродромите на Крит и пред канцеларијата на министерот за развој на земјоделството Костас Цијарас во Кардица.
Грчките земјоделци во меѓувреме го радикализираа својот отпор, криејќи детали за времетраењето на нивните мобилизации, бидејќи се обидуваат да демонстрираат сила пред да влезат во разговорите. Министерот за земјоделство Цијарас рече дека владата е подготвена за итен дијалог. „Подготвени сме веднаш да разговараме со земјоделците – денес, утре, кога и да е потребно“, рече тој.




