И натаму најмногу пари за тутунот, субвенции и за одгледување кокошки

(Oвој напис е објавен на: March 4, 2017)

i natamu najmnogu pari za tutunot subvencii i za odgleduvanje kokoshki

Земјоделците следната година ќе добијат околу 6,1 милијарди денари или за 100 милиони евра како директни плаќања за поддршка на нивното производство. Најголем дел од парите одвоени се за растително производство – 32 милиона евра, а за сточарско – половина од сумата. Речиси 250.000 евра се одвоени за материјални трошоци за спроведување на програмата, а околу 44 милиони евра се потребни да се намират заостанатите обврски од претходните години. Следната година предвидено е за 30 отсто повисоки субвенции да добијат сите земјоделци кои наместо полјоделски култури ќе одгледуваат градинарски култури. Во Платежната агенција велат дека програмата за 2017 година е веќе донесена и објавена во „Службен весник“, а по култури тутунот и сточарското производство се сектори кои најмногу ќе земат субвенции.

Повисок принос за повисоки субвенции

За тутунско производство планирани се 30 милиони евра, а за сточарско производство 18 милиони евра. Речиси 8 милиони ќе легнат на сметките на сите земјоделци што се во секторите за одгледување говеда, овци и кози, а 13 милиони евра за одгледувачите на полјоделските култури.

– За реализација на програмата предвидени се 6.117.857.000 денари кои ќе се исплатат на земјоделските стопанства за директни плаќања за растително и сточарско производство како и за следните мерки на државна помош: помош за премии и осигурување, за заштита на земјоделско земјиште, за одделни категории носители на земјоделски стопанства, за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани – велат од Агенцијата за финансиска поддршка. Според неа, генерално поддршката за 2017 година е на исто ниво од 2016 година без посебно зголемување по одделни сектори.

– Новина е што годинава дополнителни плаќања од 4.800 денари за хектар ќе има за земјоделски стопанства кои имаат засеани површини со полјоделски култури со големина од 10 до 50 ха и оствариле приноси најмалку 4 тони на хектар пченица или 3 тони на хектар јачмен или ’рж. Исто толку ќе добијат и тие што производството го продале на регистрирани откупувачи. Дополнителни плаќања од 30 отсто ќе има за градинарски култури, лозови и овошни насади за земјоделски стопанства кои во претходните години одгледувале полјоделските култури.

Над 30 милиони евра за рурален развој

Според податоците од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството, најголем дел од субвенциите или 50,6 милиони евра беа наменети за растителното производство, а 34,1 милиони евра се предвидени за субвенционирање на сточарството. Од дополнителната поддршка за развој на земјоделството, над 326.000 евра изнесуваат субвенциите за премии и осигурување, а помошта за заштита на земјоделско земјиште годинава ќе изнесува 32.000 евра. За помош на одделни категории носители на земјоделски стопанства предвидени се 2,45 милиона евра, додека директната финансиска поддршка за помош во сточарскиот сектор е 163.00 евра. За материјални трошоци за спроведување на програмата се одвоени 245.000 евра.

Според Програмата, дополнителни 5 проценти ќе добијат регистрираните земјоделци кои имаат земјоделско стопанство, а 10 проценти поголеми субвенции ќе добијат младите фармери. Дополнителна помош од 20 проценти ќе добијат носители на семејно-земјоделско стопанство што се регистрирани вршители на земјоделска дејност или регистрирани како индивидуални земјоделци.

За рурален развој за в година се обезбедени 33.253.658 евра. Парите се поделени во две категории. За првата категорија се предвидени 31.400.000 евра и овие средства се наменети за субвенции за обука и информирање на земјоделците, помош за млади земјоделци, инвестиции за модернизација на земјоделското производство, маркетинг, инфраструктура, органско производство, подобрување на квалитетот на животот во руралните средини и друго. Од оваа категорија најмногу пари или 9.261.728 се планирани за инвестиции во инфраструктура за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, над 5 милиони евра се наменети за субвенции за инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, над 4,4 милиони евра се планирани за субвенции за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, а за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини се предвидени нешто повеќе од 4,5 милиони евра.

Share Button