И вработените во УЈП бараат повисоки плати, „жолт картон“ на предупредувачки протест
Доколку нема зголемување на платите на вработените во УЈП, синдикатот и вработените се подготвени и за порадикални чекори, односно ќе продолжат со протести и генерален штрајк
Вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) и во регионалните канцеларии на УЈП денеска излегоаа на предупредувачки протест од 10.00 до 11.30 часот.
Претседателот на синдикалната организација во регионалната подружница на УЈП-Штип од синдикатот „Солидарност“, Сашко Велковски вели дека протестот е за повисока плата согласно Колективниот договор. Вработените во УЈП бараат повисоки плати за 30 отсто.
„Овој прекин на работа е само еден жолт картон на раководството во Министерството за финансии и покрај тоа што преговорите што ги имавме во изминатиот период никако да ни ги одобрат нашите барања што ни следуваат согласно Закон“, вели Велковски.
Посочува дека трошоците за живот континуирано растат, а платите на вработените во УЈП се исти со години. Доколку нема зголемување на платите на вработените во УЈП, синдикатот и вработените се подготвени и за порадикални чекори, односно ќе продолжат со протести и генерален штрајк.
Ова не е прв пат вработени кои се закрилата на Министерството за финансии да го искажат своето незадоволство за ниските примања.
Во февруари годинава Синдикатот на вработените во Министерството за финансии најави масовни штрајкови, незадоволни од толкувањето на чл.66 од Законот за буџети според кое зголемување на платата од 30 отсто требаше да добијат само дел од вработените. тогаш на удар се најде и министерот за финансии, Фатмир Бесими кој тврдеше дека тоа покачување се однесува само за определен сектор – Секторот за буџети, а не за сите вработени.
Од Синдикатот тврдеа дека одредбата од чл.66 во Законот е јасна, односно дека таа предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството. Вработените во Министерството за финансии и на 1 февруари излегоа на мирен протест пред зградата во која работат, во знак на револт поради поништувањето на одлуката за зголемување на јануарските плати за 30 отсто, од страна на министерот Фатмир Бесими. Протестот на вработените беше ненајавен и траеше кратко. https://nezavisen.mk/