fbpx
ВестиТоп вести

Има марифет во производството на црвена пипер за готвење!

 

Пиперот го сушиме во сушница  на печки на висока температура, за да се добие посебен вкус и квалитет.

 

„Лозјето не бара молитва, бара мотика.“Ова е мотото на македонската жена земјоделец, која во исто време е и сопруга и мајка и баба.

Цвета Ѓоршевска од битолското село Бистрица 50 години, се занимава со земјоделство и исто толку време ги продава своите земјоделски производи на Зелениот градски пазар во Битола.

Пченка, пченица, пипер, јаболка и други земјоделски култури произведува семејството на  Ѓоршевска, кое има регистирано и фирма.

Само оваа година произвеле преку 130 тони јаболка од повеќе сорти засадени на површина од 6 хектари во атарот на Бистрица.  Без организиран откуп воопшто нема напредок ниту на овоштарството, ниту на земјоделието напоменуваа  Ѓоршевска.

-Градот ни наштети само на еден дел од едната бавча, приноси имаме големи само нема цена на јаболката. Нас ниската цена не отепа. Десет денари за килограм  јаболко е катастрофа. Мене ме чини 10 денари килограм само што ќе го донесам тука на пазарот. Страшно е годинава, пари нема, а нема ниту организиран откуп. Сега за 20 килограми јаболко што треба да ги дадам на откуп по 1 денар од килограм купувам 30 денари картонски пакет, направете математика и ќе видите. Е сега, за разлика од годинава, пак лани, немавме приноси и цената беше 1 евро за килограм јаболко, пресметува Ѓоршевска, додавајќи дека високите трошоци ги надополнуваат со субвенциите, инаку како што вели „каде ќе ни беше крајот“.

Ѓоршевска со децении ги продава своите производи на Битолскиот зелен пазар, горда е што има редовни муштерии и што кај неа пазаруваат и по три генерации од едно исто семејство.

-Пазарџиите ме познаваат имам редовни муштерии со поколенија. Старите им оставиле навика на своите деца да пазаруваат од кај мене, а потоа доаѓаат и нивните внуци, нагласува таа.

А што се однесува до нејзиното семејство, е тука не е сигурна дали некој од нејзините внуците би ја заменил  на тезгата на Градскиот пазар.

-Седум луѓе сме дома со три внучиња, иако работат по нивите и бавчите со мојот син сепак се сомневам дека би доаѓале на пазарот. Ако јас  заминам кој мене ќе ме замени?, размислува гласно Ѓоршевска.

 

 

Мојата пипер е поцрвена!

Цвета Ѓоршевска, произведува и црвена пипер за готвење. Таа е препознатлива на Зелениот градски пазар во Битола на начинот на кој ги мами муштериите  да ја вкусат и да ја купат нејзината пипер.

-„Мојата пипер е поцрвена“, вака од многу одамна ние што продаваме пипер на пазарот ги повикуваме муштериите да ја купат. Тоа останало од  дамна и ние го практикуваме, вели таа откривајќи дека во производството на пипер има марифет.

-Има марифет во правењето на пиперот, тоа е вештина, за таа да биде црвена и манџата да биде поцрвена и повкусна. Порано пиперот го нижевме сега го ставаме во вреќиња да се суши. Со цевка ги полниме вреќињата за полесно, ги сушиме во сушница  на печки на висока температура, за да се добие посебен вкус и квалитет. Всушниот марифетот  е во печењето, вели таа.

Годишно пипер сади на два погони простор.

-Некогаш плаќаме за копање и за берење на пиперот инаку самите го печиме  во сопствена сушална. Додека пак за мелење го носиме до Демир Капија, таму ни е поповолно зошто услугата може да ја платиме со пипер, додека пак во Бистрица само со пари, објаснува таа.

Иако е во т.н. трето доба од својот живот Ѓоршевска е полна со позитивна енергија и хумор што умешно ги практикува во комуникацијата со своите муштерии.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close