Агро бизнисВестиТоп вести

Тракторите, освен по нивите, ќе може да се возат и по патиштата

Овие трактори, комбајни и друга земјоделска механизација најчесто ги имаат наследено од своите дедовци и татковци, односно од лица што биле сопственици и сега се починати.

Тракторите, освен по нивите, ќе може да се возат и по локалните и регионалните патишта. Ова ќе се овозможи со легализацијата на тракторите, тракторските приколки, мобилните машини, мотокултиваторите и на камп-приколките, која треба да заврши до 31 декември 2028 година. За таа цел, Владата достави до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за возила, со кој се предвидува нов рок за легализација на тракторите. Легализацијата треба да заврши за две години, со што се очекува конечно затворање на ова прашање, кое создава правна несигурност подолго време.

Според постојната регулатива, за да може едно возило да учествува во сообраќајот на патиштата во државата, неопходно е да биде регистрирано, а регистрацијата зависи од проверката на неговата техничка исправност.

– Имавме одреден период кој заврши пред неколку години и во кој земјоделците не успеаја да ја легализираат земјоделската механизација. И сега побаравме да се продолжи рокот за да може земјоделците што ја немаат легализирано земјоделската механизација да ја легализираат во рок од две години. Тракторите и другата земјоделска механизација беа во сопственост на земјоделците, но тие не можеа да ги регистрираат, бидејќи немаа документи – изјави за весникот ВЕЧЕР Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа.

Тој појаснува дека овие трактори, комбајни и друга земјоделска механизација најчесто ги имаат наследено од своите дедовци и татковци, односно од лица што биле сопственици и сега се починати.

– Со легализација, целата земјоделска механизација ќе може да се регистрира и да се пушти во сообраќај. Моментално тие се користат само по нивите, за вршење земјоделски работи и не можат да излегуваат на локалните и на регионалните патишта, бидејќи немаат сообраќајна дозвола и соодветна сигнализација и претставуваа ризик на патиштата – објаснува Максимов.

Поврзани новости

Back to top button