ВестиМакедонијаРурална Жена

Интервју со Васка Мојсовска: Руралната жена ќе стане успешен претприемач, образована и горда

Васка Мојсовска е прва жена претседател на една од најголемите земјоделски организации во државата, Национална федерација на фармери, сопственик на фирмата „Агро-Калем“ и борец за правата на руралните жени во државата.

Васка Мојсовска е прва жена претседател на една од најголемите земјоделски организации во државата, Национална федерација на фармери, сопственик на фирмата „Агро-Калем“ и борец за правата на руралните жени во државата. Таа секогаш гласно зборува за социо-економската положба и проблемите со кои се соочуваат жените во руралните средини и со многу труд и залагање успеа овие проблеми да бидат слушнати и разбрани и од страна на институциите. Во пресрет на Денот на жената 8-ми март, во интервју за весникот ВЕЧЕР, вели дека ќе продолжи да се бори за промени и подобрување на статусот на руралната жена која еден ден ќе стане успешен претприемач, образована, со зајакната економска и социјална моќ и горда. За себе вели дека животот не ѝ бил лесен, но со многу работа, љубов, самодоверба и трпение успеала да постигне се.

Со оглед на тоа дека сте прва жена претседател на едно од најголемите земјоделски здруженија во државата, Националната федерација на фармери, може ли да ни кажете како успевате да бидете земјоделка, домаќинка и лидер?

Функцијата претседател на Националната федерација на фармери (НФФ) е голем предизвик за мене како личност која целиот свој живот работи и егзистира од земјоделство. Во земјоделството има премногу проблеми кои можат да се решат со многу труд и заедничка работа. Дел од проблемите со кои се соочуваат земјоделците и жените од руралните средини се немање пласман на земјоделските производи, дискриминацијата на руралното население, во однос на немање квалитетна здравствена заштита, зголемена невработеност, недостаток од културно-социјален живот, немање градинки, немање патна и комунална инфраструктура и пред сè монополскиот однос на откупувачите врз земјоделците.

Многу проблеми кои бараат лобирање, работа, притисоци и активности за нивно надминување. Сето ова доведе дел од моето време да посветам на лобирање за намалување на овие проблеми. Од друга страна, мојата главна улога како мајка, сопруга, земјоделка и домаќинка секогаш гледам да ја ставам на прво место и со добра организација и распоред на работните обврски гледам да постигнам сè. Не велам дека е лесно, но работата ме исполнува и јас сум навикната мојот ден да е исполнет од утро до вечер.

Работењето со земјоделците мене ми претставува задоволство и секој нивни проблем го гледам како свој проблем, а пак ако заеднички успееме да најдеме решение тоа ме исполнува и ми дава елан за нови предизвици. Од друга страна пак отсуството од дома и од мојата работа поради ангажманите во Федерацијата, придонесуваат да трпи семејството и работата, но пак ќе кажам дека со добра организација и координација може да се постигне сè.

Вие сте борец за правата на руралните жени. Кажете ни со какви проблеми се соочуваат жените во овие средини, дали имаат право на свое мислење, право на сопственост, имаат ли свои примања и каква е нивната социо-економска положба?

Во последниве неколку години често слушаме за жената од руралната средина, но колку вистински знаеме која е таа жена, кои се потребите на руралната жена, со кои проблеми се соочува… Руралната жена е жена која вредно работи, се грижи за цело семејство и е столбот на своето земјоделско стопанство. Руралните жени и покрај потешкотиите и предизвиците со кои се соочуваат во својата работа не се откажуваат и секогаш продолжуваат понатаму бидејќи се научени да се борат. Дел од проблемите на овие жени се социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита…. Ваквите услови ја принудуваат руралната жена на живот во поголема сиромаштија, а сега покрај тоа што треба да се прилагоди на сите проблеми со кои се соочува, треба да се прилагоди и на корона кризата. А тоа покажува дека на жената од руралните средини ќе ѝ биде сè потешко во иднина да произведува храна и да егзистира во таа рурална средина.

Анализата на НФФ за земјоделството и корона кризата, која е подржана од We Effect покажа дека кај 85 отсто од жените во руралните средини е зголемена работата и на поле и дома, 64 отсто од овие жени не се активни на пазарот на трудот, 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми, а само 5 отсто се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште. Најголем дел од нив традицијата не ја сметаат за дискриминирачка, напротив ја прифаќаат како нешто нормално и ја почитуваат без приговор.

Во таа насока во 2018 беше потпишана Декларација за подобрување на економската и социјалната положба на жените од руралните средини од страна на НФФ, Мрежата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика. Ова е многу важна Декларација за нас жените од руралните средини пред сè зашто се даде заложба и од страна на институциите дека ќе се работи во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини.

Ние во НФФ се залагаме и ќе работиме на воспоставување на сет економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, платено родителско отсуство и боледување, како и подобрување на достапноста на јавните услуги здравствени, образовни и социјални за жените во руралните средини.

Целото интервју на овој линк https://www.vecer.press/%d0%b8%d0%bd%d1%82%d0%b5%d1%80%d0%b2%d1%98%d1%83-%d1%81%d0%be-%d0%b2%d0%b0%d1%81%d0%ba%d0%b0-

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close