fbpx
Вести

Ниски откупни цени, а високи во продажба

Ниските откупни цени за скапо произведени неконкурентни производи, кои се одгледуваат неорганизирано, и ненавремениот откуп отсликуваат дел од состојбата на македонското земјоделство, кое веќе неколку години бележи намалување на откупот и на продажбата на земјоделските производи.
Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, постојано во советите и стратегиите се промовира организираното и договорно производство, со кое би постигнале поголема стандардизација во квалитетот и квантитетот на нашиот земјоделски производ.
– Статистичките показатели ни покажуваат какви лоши појави можат да се создадат од добронамерните стратегии. Целата вина за овие збунувачки податоци паѓа на откупувачите, кои, наместо со откупот на вишокот производи и насочувањето на производството кон бараните сорти и европски стандарди, се претворија во организиран монопол, кој систематски ги тероризира земјоделците со ниски откупни цени и на сите начини спречува доаѓање на конкурентски откупувачи – објаснува Станковски.

Како што вели тој, бидејќи живееме во век на Интернет и земјоделците не се необразовани, туку честопати се со високо образование од правни и економски науки, тие доаѓаат до податоци какви се цените за откуп во соседните земји, па до малопродажните цени во трговијата и дали таму има големи осцилации.
– Намалувањето на откупот од индивидуалните производители доаѓа од ниско откупните цени за скапо произведени производи – вели Станковски.

Според него, оваа ситуација е алармантна и, како што вели, загрижува и фактот дека може субвенциите не се помош за земјоделците, туку само механизам за компензирање на загубите што ги трпат земјоделците од откупувачите.

– Излезот од оваа состојба е многу тежок. За да остварат подобар профит, едни земјоделци се одлучуваат производот да го продаваат на нашиот пазар на црно, а други сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави, да им го продадат тоа на нив за средства што се исплаќаат веднаш – смета Станковски.
Според него, Македонија има ниски цени и неорганизирано и хаотично производство поради нетранспарентно и нефер поделената финансиска бенефиција од земјоделското производство.

– Во нашата држава, од трите главни фактори што се клучни за успешно земјоделско производство, проблем се откупувачите и владејачките структури. За волја на вистината, тие честопати се истите лица, или под фирми на блиски роднини и пријатели ја вршат активноста откуп на земјоделски производи. Многу од големите преработувачи и откупувачи на земјоделски производи се политички поврзани. Додека, пак, во ниедна друга држава не е дозволено врската помеѓу бизнисот и политиката да влијае за оштетување на трета бизнис-страна, во овој случај производителите на земјоделски производи – вели Станковски.

Тој вели дека тоа што се случува сега во Македонија, во поглед на откупот, е комплетна слика на хаотична, неорганизирана и безнадежна состојба.

– Повремено поради лошото време, родот на одредени култури, како оваа година на ајварката, се намали, па тие достигнуваа рекордни цени, кои за нашите граѓани станаа недостапни. Откупот на големо не помина под 20 денари, на крајот до 25 за сите класи. На мало се движеше и над 35 денари. Слично се случи и со доматот, кој на крајот на летото на мало се продаваше над 50 денари, во зависност од квалитетот и сортата. Но чекањето за влошена временска ситуација, не е решение за финансиските проблеми. Потребна е свест кај земјоделците за самоорганизирање – објаснува Станковски.

Според земјоделците, состојбата со земјоделството се должи и на намалените засадени површини, но и на увозот на некои земјоделски култури, како и на заминувањето на младите од државата, кое се одразува на квантитетот на производството.

За да стигнат од нивата до крајниот потрошувач,градинарските производи се препродаваат и по неколкупати. Познатата пиперка за ајвар во Струмичко се откупува од 15 до 25 денари за килограм, во зависност од квалитетот, но на пазарите на мало еден килограм од истата пиперка чини и по неколкупати повеќе. Земјоделците велат дека цената расте во синџирот на препродажба, а профитот го собираат препродавачите, и тоа на штета и на производителите, но и на крајните потрошувачи.

– Разликата во цената навистина е огромна, од 25 до 60 денари. Тука најверојатно поминува неколку раце додека да стигне до главниот, оној кому му е потребна, а тоа е консуматорот, и затоа достигнува вака енормни цени – вели Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикати на земјоделци.

Тој додава дека градинарските производи го започнуваат патот од еден пазар, на кој едни трговци ја откупуваат од производителите, потоа најчесто на кванташкиот во Скопје им ја продаваат на други, а оттаму завршува на пазарите на мало по двојно или тројно повисоки цени.

Претседателот на „Агрофаланга“ смета дека за вистински ефикасно решавање на проблемот е потребно градење стратегија за која решенија ќе понудат и претставниците од власта, невладиниот сектор, земјоделците и високообразовните институции, во спротивно агонијата со состојбата во земјоделството ќе продолжи.

 


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close