Јане Станкоски-Досега се откупени 15,5 милиони кг. тутун по просечна цена од 285 денари
Јане Станкоски во изјава за Зелена берза вели дека догодина ќе има поголемо количество на произведен тутун
Директорот на Земјоделскиот инспекторат на Македонија, Јане Станкоски во изјава за Зелена берза вели дека досега се откупени 15,5 милиони кг тутун по просечна цена од 285 денари.
-Претпоставуваме дека вкупната колична за откуп е околу 21 милиони кг. тутун, а досега се откупени 15,5 минилони кг. тоа значи дека уште следната недела, целиот тутун би се откупил доколку се продолжи со оваа динамика, вели Станкоски.
Оценува дека тутунарите се задоволни од цената на тутунот и плус субвенциите по класи.
Станкоски вели дека нема простор за загриженост дека површините со тутун ќе се намалуваат, напротив смета дека површините под тутун ќе се зголемуваат догодина.
-Ланската година имавме намалено производство по декар заради временските услови, годинава имаме одлична реколта, и оваа цена што ја добиваат тутунарите годинава сигурно ќе испровоцира зголемено производство, вели Станкоски.
Првиот човек на земјоделскиот инспекторат потенцира дека исплатата на тутунот оди во најдобар ред и досега немаат ниту една поплака од тутунарите во однос на исплатата на парите.
А.Блажевска