fbpx
Вести

Како тутунот влијаел и го обликувал животот, во Македонија и пошироко

tutun

Многу примери, теории, факти, предмети, помагала и производи упатуваат на тоа дека тутунот бил дел од животот не само на овие простори туку и многу пошироко. Тутунот во Македонија стигнува уште за време на присуството на Отоманската империја и оттогаш се врежал длабоко во животниот тек на Македонецот, обликувајќи го според своите потреби.

Пошироко во светот, тутунот е откриен уште од Колумбо, меѓутоа, неговото внимание повеќе било свртено кон златото, додека се уште не бил свесен за финансиските импликации на другото жолто злато. Во Европа првата цигара е запалена во 1506 година кога несреќниот Фрагамон Пане сакал да им демонстрира на граѓаните на Севилја како изгледаат Индијанците додека пушат тутун. Додека тој пушел, инквизицијата го уапсила и го мачела да признае дека има склопено пакт со ѓаволот, по што му следела затворска казна од седум години. Откако излегол од затвор, се зачудил кога видел дека низ улиците сите пушат а тутунот го викале шпанска лудост.

Вредноста на тутунот се потврдува со уште еден аргумент, во татковината на тутунот во САД во државите Вирџинија и Мериленд, дури два века тутунот се користи како платежно средство. Првиот закон во слободна Америка бил Законот за тутун, а не Уставот, првиот стандард бил тутунскиот стандард а не златен … тутунот бил многу важна и ценета култура, тој бил луксуз, престиж и моќ. Задоволство или последна желба. Постоеле лулиња што биле по 5 метра долги, дури и во еден период се продавале на метар должина. Своевремено тутунот бил користен и како лек и бил користен во медицината.

Првата научна книга за тутунот е Табакологија од Јоханес Неандер од 1626 година, кога на тутунот се уште се гледа како на лековита билка и кога скоро сите болести се лечеле со тутун.

Ако за индицијанците бил симбол за склучување мир, кај нас низ вековите се до денес, тутунот е можност за егзистенција.

Во Македонија тутунот пристигнува подоцна од остатокот од светот, во 1873 година и станал центар на духовниот живот. Не толку како култура која што дава приноси по единица површина, затоа што тутунот важи за трудово интензивна култура, туку затоа што сепак огледувањето тутун носело големи финансиски приноси и се исплатувало. Дури и локалната, фолклорна архитектура била дефинирана според потребите за сушење на низите тутун. Живописните чардаци биле прилагодени за природно чување и сушење тутун.

Македонија како географска целина е најдобра за производство на ориенталниот тутун. Многу познавачи на оваа област одамна пишувале на оваа тема. Начинот на живот, обичаите, традицијата, семејните вредностите, културата, во сето тоа се вткаени маката и радоста од тутунот.

Вредноста на тутунот е присутна и денес, тој со сите свои предности и потешкотии е составен дел од животот на приближно 40 000 семејства. И денес покрај напредокот на технологијата и постоењето на апаратура за одгледување на тутун, сепак македонските фармери стануваат во 4 часот наутро да го берат тутунот додека е се уште ладно и летното сонце не се распослало на тутунските полиња. Се бери додека силата и топлото време дозволуваат, а потоа следи нижењето под некоја стреа во селскиот двор и се ниже на долги игли и во низа, цел ден, додека има тутун. И следниот ден и тој по него, цело лето. Голем број фармери денес имаат набавено рачни машини за нижење тутун, но не сите. Уште поголем е бројот на оние што тоа го прават рачно како и во изминатиот век и половина. Откако целиот тутун ќе биде набран и соголено полето, нанижаните низи се сушат. Природното, рамномерно сушење е важно за постигнување добра цена односно рангирање на тутунот во повисока класа. По сушењето доаѓа пакување, коешто денес од големите компании откупувачи на тутун е обликувано во соодветна форма и стандарди, што исто така придонесува за добрата цена и отстранува секаква можност за малверзации и манипулирање со тежината.

Откупот на тутунот долго очекуваното затворање на годишниот тутунски циклус а исплатата е најголемиот празник за целото семејство. На тоа се темелат сите планови за иднината, за следната година, за новата куќа, за школувањето на децата за свадби и принови. Оваа година се откупени 23.100 тони тутун со просечна цена од 217 денари за килограм, а субвенциите се очекува да бидат исплатени во месец април. Вредноста на откупениот тутун оваа година е над 80 милиони евра, со субвенции од околу 28 милиони евра, тоа се над 108 милиони евра кои се доход на тутунопроизводителите.

Тутунот е една од ретките земјоделски култури којашто бара внимание во текот на целата година, токму затоа и толку вреди и е наречен уште и жолто злато.


 

либертас.мк

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close