fbpx
ВестиСовети

ЛАВАНДА

lavanda

Лавандата е ароматично и лековито диворастечко растение. Ова растение, може да се одгледува на нашите полиња бидејќи нема многу големи барања по однос на почвата. Успева скоро на сите типови почва кои содржат доволно варовник. Расте и на многу сиромашни и каменити почви. Не и одговара само влажна и кисела почва. Како топлољубиво растение има големи потреби од топлина, а особено светлина. Посебна важност за квалитетот на етеричното масло има надморската висина. Се препорачува да се одгледува на поголема надморска висина, максимум до 700 метри. Треба да се сади на јужна, незасенета експозиција, која не е изложена на ветрови.

Расти како низок џбун со висина од 50-80 см. Стеблата се многубројни, влакнести и четвороаголни. Листовите се линеарно–шилести, без лисни дршки и расеано распоредени. Цветовите се ситни и собрани во класја и со многу убава љубачаста боја со што лавандата се одгледува и како украсна билка. Цветовите, како и целата билка е со многу пријатна миризба. Поради долготрајниот и единствен мирис лавандата денес во домаќинството е една од најмногу употребуваните ароматични билки.

За коренот подобро да се развива, треба да се обрне внимание на почвата. Таа треба да се изора наесен, со длабочина не помала од 40 см. Ако се сади во есен, почвата се подготвува за садење веднаш по орањето. Ако се сади во пролет, по есенското орање се применува пролетна обработка (плитко орање и браносување) за да се добие што поровка почва.

Бидејќи е повеќегодишно растение, на ѓубрењето треба да се посвети поголемо внимание. Најдобри резултати се добиваат со комбинација на органско и минерално ѓубриво. Од минералните ѓубрива добро е да се примени фосфорното, кое се внесува во почвата при основната обработка во количество од 300 до 500 кг/ха. Азотот се додава во помало количество од фосфорот и тоа од 100 до 200 кг/ха

lavanda1

Лавандата може да се размножува вегетативно со делење на старите бусени и со резници, како и генеративно со директно сеење на семето и преку расад. Во практиката лавандата задолжително се размножува со ожилени резници. Резниците се произведуваат така што од постојниот насад се отсекуваат делови од гранките кои се постари, со должина од 15 до 20 см. Пикирањето се изведува во отворени бразди длабоки од 5 до 10 см, на растојание од 10 до 15 см, помеѓу редовите и помеѓу растенијата. Резниците се ставаат на едната страна од браздата и потоа се покриваат со почва. Резниците редовно се плеват и се полеваат до есен, кога се расадуваат. Лавандата се сади кон крајот на октомври или ноември, а ако се сади во пролет, тогаш треба да се сади што порано, најдоцна до почетокот на април.

По размерувањето на парцелата, се копаат дупки во кои се садат садниците. Се сади на меѓуредово растојание од 80 до 100 см, а во редот на растојание од 60 до 80 см. За еден хектар неопходни се минимум 10.000 садници.

Негата се состои од окопување, култивирање и прихранување. Во првата година се врши пополнување на празните места. Насадот се пополнува се до четвртата или петтата година од одгледувањето. Окопувањето и култивирањето се извршува веднаш кога садниците ќе се развијат, во пролет. Меѓуредовиот простор се обработува рачно или машински со помош на култиватор. Времето на берба на лавандата зависи од реонот каде што се одгледува. Ако е насадот на ниски реони,тогаш цветањето почнува кон крајот на јуни. На поголеми надморски висини цветањето доцни и по еден месец. Од почеток на цветањето, па до полното цветање поминуваат околу 20 до 25 дена, а до крајот на цветањето 30 до 35 дена. Лавандата се жнее кога е во фаза на полно цветање затоа што во таа фаза се остварува голем принос и висок квалитет на етеричното масло. Жетвата се извршува рачно. На големи површини, се изведува машински со специјални косачки-машини. При рачното жнеење (со срп) се отсекуваат цветовите со дршка со должина од 10 до 15 см. Ожнеаната лаванда веднаш се носи на дестилација.

Лавандата најчесто се дестилира за добивање на етерично масло. Приносот зависи од возраста, еколошките услови и применета на агротехника. Приносот од година во година се зголемува, се додека во петтата или шестата година се стабилизира. Приносот на зелен цвет изнесува 1.500-35.000 кг/ха, додека на сув цвет изнесува од 200 до 800 кг на хектар. Приносот на масло од лаванда во полн род може да биде од 20 до 30 кг на хектар.

Мирјана Милинг – Советник во АПРЗ

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close