Органско производство – агро бизнис со одлична заработка

Органските производи кои не содржат никакви хемиски или вештачки состојки стануваат се побарани на светските, но и на домашниот пазар. Овој агро бизнис во Македонија е во зародиш, но има огромен потенцијал.

Во земјава има многу успешни примери на органски производители. Велат дека најтешко било на почетокот, кога требале целосно да го променат системот на работа, но дека по неколку сезони сето тоа станува рутина.

„Првите две, три години беше тешко. Требаше време да се навикнеме“ објаснува Менде Митревски кој одгледува органски малини и капини во битолско. „Тоа беше пред 10 години, сега немам никакви проблеми. Најголем дел од производството е за извоз. Кај нас не се цени органскиот производ. На пазар ако го однесеш цената му доаѓа иста“ вели Стефановски.

Тој има склучено договор за пласман со српска компанија која потоа производите ги препакува и ги реизвезува пред се во Германија и Франција.

Пред три месеци Македонија формираше регистар на органски производители. Во него се впишани преку 600 оператори со органски производи -производители, преработувачи и трговци. Тој треба да помогне во пласманот преку вмрежување на сите кои се вклучени во процесот на производство на органска храна.

Државата дава голема поддршка за органското производство. Тоа во просек добива до 30% повисоки субвенции од примарното. Најголема стимулација има за органските градинари – до 70% и за лозарите и овоштарите до 100% повеќе од конвенционалните производители. Половината од трошоците за сертификатот за органски производи ги покрива државата, по 3.500 денари за хектар следуваат и за зеленото ѓубриво. Откупувачите, трговците и извозниците се поддржуваат со дополнителни 5% од вредноста на продадените производи.

За еден производ да се смета за „органски“ треба да има сертификат кој потврдува дека исполнува строги критериуми: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

Најчесто под органска храна се подразбира овошје и зеленчук, но понекогаш изразот се користи и за храна од животинско потекло одгледана на здрав и природен начин – во исхраната не смеат да се користат хормони кои вештачки го подобруваат растот, ниту било какви лекови, како ни други вештачки средства, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот.

За да се добие сертификат за органско производство треба да се поминат повеќе процедури и контроли, а и во текот на целиот процес се прават проверки.


 

denar

Share Button