fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Венцо Ангелов од Видовиште-Ако државата не стави рака, сточарството нема иднина

Венцо вели дека државата мора да обрне повеќе внимание на сточарството без оглед дали сточарите одгледуваат крави, овци или кози. 

Венцо Ангелов од Видовиште-Ако државата не стави рака, сточарството нема иднина

 

Венцо Ангелов е сточар од селото Видовиште во Општина Зрновци, во околината на градот Кочани. Чува повеќе од 130 кози и активно се занимава со земјоделие. Тој е регистриран како сточар и индивидуален земјоделец.

Овој наш сточар смета дека државата мора да обрне повеќе внимание на сточарството без оглед дали станува збор за одгледување на  крави, овци или кози. Во спротивно Венцо вели дека сточарството нема иднина, а е една од најбитните земјоделски гранки во државата.

-Почнав да одгледувам една коза и стасав до стадо од 130 кози. На фармата работиме фамилијарно, ми помагаат и синовите и ќерките, но откупот на млекото оди по катастрофална цена од 18 денари литар,  млекото е неисплатлива работа. Во маркет, литар козјо млеко е 140 денари, значи разликата е голема. За нас како производители сметаме дека најниската цена за откуп на млекото треба да биде 30 денари. Државата да ни дава 10 денари субвенции за литар и така да стасаме до цена од 40 денари за литар, за да можеме да опстанеме, да продолжиме со работа. Инаку со овие цени ќе се уништи многу стока, се пожали Венцо.

Според него државата мора да поведе повеќе грижа околу исплатата на субвенциите, да бидат навреме дадени.

-Со субвенциите е лошо, тие треба да бидат исплатени во јануари односно најдоцна во февруари. Земаме 1.000 денари од коза и плус 700 денари ако е женски подмладок. Значи сметам дека државата нема слух за сточарството, да има загарантирана цена на млекото, субвенциите да се исплаќаат на време за да работиме со ќеиф и со мерак, а вака во Европа не се оди. Ни треба државно земјиште, ни треба механизација, поголеми трактори, ни треба помош за да направиме подобри објекти за чување на стоката, засега нема слух, вели тој.

Сепак, сточарот дел од трошоците ги покрива со продажбата на козите за месо, па вели дека јарешкото месо е повеќе барано на пазарот отколку јагнешкото. Цената за жива мера достигнува и до 150 денари.

Сточарот раскажува дека селото Видовиште располага со убави пасишта па вели „планината е родена за кози, а полето е плодно“.

-Имаме сопствена земја околу 30 декари и плус обработувам 100 декари под наем. Произведувам храна за стоката- пченка, луцерка, пченица… Се што треба, вели сточарот.

Најавува дека во план е да го зголеми стадото од 300 до 500 молзни кози. Сега дел од козите даваат и до 4 литри млеко дневно за молзење.

-Имам голема побарувачка на сирење, урда, млеко, сурутка. Но и за тоа ми треба возило со ладилник, вели Венцо и накрај додава дека и покрај сета тешкотија и проблеми во одгледувањето на стоката никогаш не би ги напуштил ниту стоката, ниту пак селото.

 

Анета Блажевска

А.Б

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close