fbpx
Вести

Ќе се споредуваат јајцата „киндер“, маргаринот „рама“, сосот „балила“, „пепсито“, „спрајтот“ и кафето „јакобс“

Со избор на седум продукти од планираните 25, кои ќе се купуваат во Хрватска и Германија, и официјално започна истражувањето на европратеничката Билјана Борзан, кое треба да докаже дека потрошувачите за свои пари добиваат различен квалитет во различни држави. Останатите осумнаесет производи ќе се избираат со анкетен прашалник кој во јуни треба да го одговараат одредена група потрошувачи. Овошниот јогурт од јагода на „Данон“, маргаринот „рама“, јајцето „киндер“, сосот за тестенини „балила“, инстант-кафето „јакобс“, „пепсито“ и „спрајтот“ се првите седум производи што ќе се испитуваат од страна на хрватската Агенција за храна. Борзан вели дека се планира во анкетата да се вклучат и детергенти, шампони, кои треба да докажат дека различен производ не е со ист квалитет во Хрватска или Македонија и во Европската Унија. Според неа, избрани се производи што најмногу се консумираат во Хрватска, но се од иста или слична марка како производите што беа вклучени во чешкото истражување кое покажа дека секаде не се јадат исти производи.

kje se sporeduvaat jajcata kinder margarinot rama sosot balilo pepsito sprajtot i kafeto jakobs

 

Потрошувачите избираат

– Веќе слушам коментари во ЕУ дека нема потреба од вакво истражување бидејќи нема проблем со безбедноста и здравствената исправност на производите. Или индиректно, нивните зборови би ги превела дека, освен што треба да им заблагодариме на тоа што ни продаваат неквалитетна роба по повисока цена, треба да им заблагодариме што не не трујат – вели Борзан. Таа минатата година во Пула го претстави сличното истражување на нејзината чешка колешка Олга Сехналова, кое покажало дека повеќе од третина од производите што биле испитувани се со послаб квалитет во земјите кои се нови членки во ЕУ или не се членки.

– Благодарение на тие резултати успеавме да протуркаме и амандманот за овој проблем во Европарламентот. Ова е првпат вака важно прашање да влезе во еден толку важен документ како овој што решава стратешки проблем – вели Борзан. Таа објаснува дека првпат во едно вакво истражување ќе влезат и средства за лична хигиена што треба да ги одредат хрватските граѓани.

– При изборот на производи не се водевме никако по интуиција, туку по конкретна мерлива повратна информација. Додека не добиеме конкретни резултати, никако не треба одбраните производи да ги ставаме во негативен контекст. Она што можам да ветам е дека хрватската Агенција за храна, како независна институција, може да гарантира дека испитувањата ќе ги направи стручно и професионално и тие на јавноста ќе бидат соопштени транспарентно – вели директорката Грос-Бошковиќ.

Споредба и на декларации

Според планот, производите ќе се тестираат лабораториски со анализи на состојки и ќе се прави споредба на добиените резултати со декларациите. Ќе се споредуваат и декларациите на исти производи во различни држави. Покрај составот, ќе се анализираат и цената и фактот колку составот влијае на нејзината висина. Трошоците за истражување ќе ги сноси Европскиот парламент.

– Време е да престане да постојат потрошувачи од прв и втор ред. Ако сме членки на една држава, треба за своите пари да добиваме ист квалитет. Но и да не купуваме во рамките на една држава. Kвалитетот треба да се реши на ниво на ЕУ, но и на сите земји од Југоисточна Европа – вели Борзан.

Во јануари годинава Борзан заедно со директорот на хрватската Агенција за храна, Андреа Грос-Бошковиќ, се договориле за текот на истражувањето. Дека квалитетот на еден ист производ е различен, доказ е истражувањето од 2011 година на словачката агенција за потрошувачи. Тоа покажа дека производите што се продаваат на полиците на старите и новите земји-членки имаат значителни разлики во квалитетот. Европската комисија го кофинансира истражувањето, но со години ги игнорира неговите резултати.

– Студијата покажа дека 14 од 24 производи не само што се разликуваат по квалитет туку се и поскапи во новите членки на ЕУ. Значи, не само што квалитетот е помал туку и цените се различни – вели Борзан.

Според неа, изјавите на производителите од типот дека секој производ се приспособува на вкусот на граѓаните од различна држава е беспредметен.

– Во сите документи ЕУ ја нагласува еднаквоста на земјите-членки, но тоа не мора да биде само во однос на јазикот или националните карактеристики. Производителите знаат да кажат дека станува збор за локален вкус и дека одредени нации сакаат помрсна храна. Но тоа е само лага бидејќи такво истражување никогаш никој од нив нема спроведено – вели Борзен.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close