Додека надлежните уверуваат дека откупот на коскестото овошје во Росоман, се одвива без проблем, голем е бројот на овоштари кои сметаат дека проблемот не е решен. Велат дека цената што им се нуди не им се исплаќа и дека на овој начин само трговците профитираат на туѓ грб.
-Скоро 7 тони праска од сортата Спринг рес ги оставив на нива и не ги берам. Ако се сменат работите, односно ако се зголеми откупната цена, за останатите сорти што стасуваат подоцна, ќе почнам да берам, а сега ги оставив и не ги берам, вели Благоја Симоноски овоштар од Росоман. Не сум задоволен, една гајба праски се откупува за 100 ден. Пред два дена имаше некои откупувачи кои ги земаа за 150 -200 ден по гајба, но сега повторно се откупуваат по 100ден. додава тој.
Овоштарите велат дека таа цена не им се исплати и дека нема да ја даваат праската. Исто така велат дека има и диви откупувачи кои ја земаат и плаќаат праската во кеш.
Слична е состојбата и со кајсиите. Откуп нема и спас се бара во складирање на овошјето во ладилници и чекање на подобра цена, велат производителите.
-Нема откуп за кајсиите. Производната цена изнесува околу 30ден/кг, додека откупната е многу пониска 18-20ден/кг. што на нас производителите не ни се исплати. Јас имам сопствен ладилник до 100 т капацитет. Ќе ја чувам таму кајсијата и ќе чекам, натаму што ќе биде не знам, вели Боро Ангелов овоштар од Градско.
Од МЗШВ уверуваат дека откупот на праска се одвива непречено и 60% оди за извоз во Русија. Цената се движи од 15-20 ден во зависност од квалитетот. Како што најавија се очекува во текот на оваа недела Министерството да има средба и со компании од преработувачкиот сектор за да се договори откуп на праска за преработка со цел да се откупат сите произведени количини на праски.
П.Ј.