fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Годинава се засеани 75.000 хектари пченица или 3.000 хектари повеќе од лани

Ќе имаме 255.000 тони пченица, додека потребите се околу 300.000 тони.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, утре, патува за Белград, на средба со српскиот колега Бранислав Недимовиќ, на која очекува уште една потврда дека Србија ќе ги испорача во земјава потребните количества пченка и пченица за домашните мелничари.

-Во вторник сме на состанок во Белград со српскиот министер за земјоделство. Се надевам дека ќе ја договориме динамиката за испорака на потребните количества жито. Верувам дека вторпат ќе бидат потврдени поддршката и солидарноста од српска страна. Претседателот Вучиќ потврди, а разговарав и со министерот Недимовиќ. Верувам дека сè ќе оди во правец на олеснување и овозможување на количествата што ни се потребни од жетвата – истакна Николовски и додаде дека до жетвата ќе бидат потребни околу 50.000 тони пченица.

Министерот информира дека годинава се засеани 75.000 хектари пченица или 3.000 хектари повеќе од лани. Ќе имаме 255.000 тони, додека потребите се околу 300.000 тони. Но, целото производство не е со соодветен квалитет.

Николовски вели и дека ќе биде предложена промена на моделот на стоковните резерви.

-Ни се случува една иста појава во претходните две-три децении само исти фирми да се капацитетни да ја продадат пченицата на стоковните резерви и потоа тие истите да ја купат. Затоа е потребно складирање во приватните силоси и поддршка во оваа насока – посочува тој.

Македонската Влада, пак, забраната за извоз на домашните житарки викендов ја продолжи до 15 април. Дотогаш не смее да се извезува пченица, наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, сончогледово семе и масло.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, целта на продолжената забрана е да се заштити домашниот пазар, да се избегнат шпекулативни дејства, да се зачува стандардот и да се одржи економската стабилност.

Министерот Николовски информира и дека е подготвен нов план со мерки за зголемување на приносите со пченица, со кој ќе се зголеми домашното производство, а ќе се намали увозот.

-На среден рок со планираните мерки ќе имаме зголемено производство на пченица од 30.000 тони, а на долг рок ќе бидеме увозно независни. Се предвидува и проширување на Програмата за интервентен фонд со нови мерки, со цел да се опфатат и другите земјоделски сектори на кои им е потребна помош во оваа светска криза. Сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30 јуни годинава. Ги следиме состојбите и навремено ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство, да има стабилност на пазарот на храна, истакна тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ ѝ порачаа на Владата да ги откупи сите земјоделски производи и да ги подели во основните и средните училишта.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close