Колку чини гласот на земјоделецот?
Има ли цена земјоделската мака?-Не! А, има ли цена гласот на земјоделецот?
Првото прашање воопшто не е дискутабилно и тука се сложуваме сите заедно, без оглед дали сме биле „градски“ или „селани“. Но ова второто е прашање за милион долари. Зошто тука се отвора едно ново прашање-што се субвенциите?
Многумина размислуваат дека не е целта субвенциите да се исплаќаат редовно и наменски, туку за да се купат гласачи, да се купи гласот на земјоделците пред избори. Зошто самите земјоделци се свесни дека субвенциите не ги подобруваат условите во земјоделството, не им овозможуваат развој, не им овозможуваат средување на состојбата со коритата на реките, пасиштата за добиток и слично, туку субвенциите се доживуваат само како парична помош која најчесто се исплаќа непосредно пред избори, или во време на политички турбуленции и субвенциите може да ги користат за што сакаат. Може да одат на одмор, може да си ја реновираат куќата, да си купат стан во градот, најмодерни телевизори и така натаму.
Дел од земјоделците, но и експертите од оваа област сметаат дека „субвенциите не ги дале очекуваните резултати поради нивна погрешна распределба, недоволна едукација на земјоделците и слабата реализација на планираните суми, но и партиската распределба на субвенциите“.
Дали македонското земјоделие е постабилно со субвенциите?
Едно е јасно дека честите промени во земјоделската политика во последните 15 години, а со нив и системот за субвенционирање, го направија земјоделието многу нестабилно иако е една од најважните стопански гранка во Р. Македонија. Нестабилната политика создава проблеми за земјоделците во нашата земја, кои честопати со право се жалат дека се незадоволни.
А, како би биле задоволни кога една година, производителите се субвенционираат според приносот, а следната година по хектар, а за третата е неизвесно. Сточарството е во незавидна положба, еднаш државата го охрабрува одгледувањето добиток, другата година не. Се охрабруваат земјоделците од време на време, за одредени видови на земјоделско производство,па сето тоа спласнува…
Краткорочните мерки во земјоделската политика се неодржливи. Потребна е стабилна стратегија на земјоделска политика од најмалку 6 години, исто како што тоа го практикуваат напредните земји во ЕУ.
Буџетот на ЕУ за развој на земјоделството е околу 36%. Износот порано бил и повисок, сепак земјоделството е сè уште најважната ставка во буџетот.
Она на што треба да се фокусира власта, која и да е, е да воспостави стабилен систем која може да доведе до подобра конкурентност на нашите производители.
Земјоделските производители се децидни континуирано им е потребно субвенционирање на зелена нафта, минерални ѓубрива, саден материјал, квалитетен добиток.
Зошто воспоставувањето конкурентност не бара само различен, туку долгорочен систем на субвенции.
Затоа треба да го градиме нашиот систем за развој, водејќи сметка за опстанокот и конкурентноста на нашите производители. Ако не го надминеме тоа, би можеле да имаме големи проблеми, особено во патот кон ЕУ во делот на отворен либерален пазар и трговија со Унијата.
И за крај ставот на дел од експертите-„владата не смее да интервенира на пазарот во корист на откупувачите“. Така е со тутунот. Вештачки се интервенира на пазарот во корист на откупувачите, кои на земјоделците им плаќаат помалку од она што изнесуваат субвенциите за конкретен производ. Тутунот се субвенционира, а откупот е во „рацете“ на откупувачите.
Анета Блажевска