Шанса за луѓето без работа или со ниски примања да отворат сопствен бизнис и да живеат во сопствен дом и здрав живот на село – вака земјоделските аналитичари ја оценуваат најновата мерка „Од град во село за нов почеток“ која ја промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Според нив, ова е можност младите луѓе да почнат да се занимаваат со земјоделство и да го препознаат овој сектор како доходовен бизнис.
Крајниот ефект на проектот е да се препознае потенцијалот за живот на село. Агробизнисмените велат дека и тоа како може да биде успешно вложувањето во земјоделството и животот на село.
Мерката предвидува субвенции до 6 илјади евра за изградба или дограба на куќа, бесплатни 3 хектари земјиште на користење, а во првите 18 месеци и надомест од 15 илјади денари. Проектот е наменет за брачни парови кои треба да се преселат на село кое брои до 500 жители. Предност ќе имаат паровите со повеќе деца, а постариот партнер треба да има најмногу 45 години. Семејствата треба да исполнат и одредени обврски.
-Ќе има повисоки приходи и за земјоделството и генерално во делот на учеството на земјоделското производство во бруто домашниот производ и на тој начин да овозможиме оние коишто ќе се вратат на село, покрај тоа што би ги користеле овие мерки, да имаат поквалитетен род, поголема продуктивност и подобри приходи, рече Костадиновски.