Утре состанок меѓу овоштарите и владини претставници за проблематичниот откуп на јаболка

(Oвој напис е објавен на: February 20, 2019)

Овоштарите и претставници од Владата утре на состанок ќе бараат решение за 50-те илјади тони јаболка останати залихи од ланскиот род. Производителите на јаболка бараат интервентната субвенција од 3 денари за откуп на индустриските јаболка да важи до крајот на јуни, министерот за земјоделство, пак, тврди дека времената мерка што траеше до 25-ти декември ги дала посакуваните резултати и нема да се продолжува. Тој смета дека трансформирањето на субвенцијата за предаден килограм јаболка, сума што сега е вкалкулирана во помошта за одржување на овошни насади е доволна. Тоа значело дека јаболкарите за одржување на насадите наместо 33 илјади денари ќе добивале 41 илјада денари по хектар.

Овоштарите алармираат дека ако итно не се најде решение за нивниот проблем, со почетокот на пролетта, илјадници тони јаболка ќе скапат, бидејќи ако не се продадат нема каде да ги чуваат. Производителите негодуваат поради ниските откупни цени, од кои веќе имаат загуби од 3 до 5 денари по килограм. Меѓу другото, бараат субвенциите за одржување на овоштарниците во 2018 година да им се исплатат до крајот на март.

Преспанските овоштари со месеци алармираат за проблеми со откупот на јаболка. Пред само 3 дена го искажаа последен пат својот револт и излегоа на масовен протест блокирајќи го магистралниот пат Битола – Ресен.


 

alfa.mk

Share Button