Одбележан денот на шегата во Ресен

 Крал и кралица ја отворија априлијадата во Ресен.Децата од сите училишта и градинки во Преспа денес го одбележуваат Меѓународниот ден на шегата први април. Под маски, костими и во знакот на празникот, на плоштадот во Ресен продефилираа голем број маскирани јунаци. Во автомобил, предводници на првоаприлската поворка беа кралот и кралицата, водители на годинешниот настан.

„Секоја година е обидуваме на различен, покреативен и инвоативен начин да го одбележиме денот на шегата, 1 април. Ние повозрасните мора да учиме од децата, дека смеата и шегата, без разлика на денешниот динамичен начин на живот, треба и мора да бидат составен дел од нашето секојдневие. Така и годинава, плоштадот во Ресен беше претесен да ги собере сите учесници од градинките и училиштата, кои сакаа пред пошироката јавност, но и пред своите родители и наставници, да ја покажат својата креативност“ истакна Васко Василевски, директор на Домот на културата „Драги Тозија“.

Пред бројната публика, продефилираа голем број маски, а водителите преку обичаи и настани од различни меридијани, го опишаа прославувањето на 1 април, денот на шегата. И годинава, арпилијадата во Ресен се одржува под покровителство на градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски. 

З.Б.

Share Button