Кутиите на цигарите со поголеми и пострашни слики и со забрана за додавање ароми

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Европската регулатива предвидува измени што се обврзувачки за земјите членки на ЕУ, но во овој момент само 11 ги усвоија во своите регулативи, а другите 17 се уште немаат пристапено кон нивна имплементација. За Македонија почитувањето на директивата станува обврска од влезот во ЕУ, велат познавачите

 

kutiite na cigarite so pogolemi i postrashni sliki i so zabrana za dodavanje aromi

Европската Унија од крајот на месецов им налага на производителите на цигари на пакувањата на истите да става се пострашни слики кои ќе ги следат застрашувачки предупредувања, а фабриките веќе не ќе може да користат ароми во производството кои ќе ја покриваат вистинската миризба на суров тутун. Ова се само дел од директивите за тутунски производи, која од следниот месец ќе мора да ја почитуваат сите земји членки на Унијата. Кај нас надлежните велат дека ќе мора да се почитуваат измените на европскиот закон за тутун, но не прецизираат од кога. Во „Филип Морис ТК Прилеп” посочуваат дека европската регулатива предвидува измени што се обврзувачки за земјите членки на ЕУ. Но, во овој момент само 11 од 28 членки ги усвоија во своите регулативи овие измени, додека другите 17 се уште немаат пристапено кон нивна имплементација во своето законодавство. Македонија оваа обврска ќе ја применува само кога ќе стане членка на Унијата, заедно со хармонизацијата на законите во оваа област што ќе биде и дел од преговорите.

Македонија не мора веднаш да се приспособи

– Имајќи го предвид темпото со кои земјите членки на ЕУ ги преземаат обврските во оваа област, сметаме дека многу е рано да се размислува за воведување на овие мерки и на нашиот пазар. Воведувањето ваква регулатива подразбира претходна сериозна и сеопфатна анализа за импликациите врз тутунската индустрија, која ќе ги опфати социоекономските и буџетските импликации од воведувањето на истата. Воедно, при какви било промени на тековното законско решение, неопходно е и вклучување на претставниците на тутунската индустрија во процесот на консултации вели Анита Блажевска, менаџер за корпоративни прашања на „Филип Морис ТК Прилеп”.

Професорот Златко Арсов од Земјоделскиот факултет смета дека се уште е рано да се зборува во Македонија на оваа тема.

– Македонија не е членка на ЕУ и затоа не мора веднаш да ги имплементира новите директиви од ЕУ. Но има потпишано договори со кои треба постепено да се приближува и изедначува нашето законодавство со она на ЕУ се до моментот на отворање на пристапните преговори кога подетално ќе се надминуваат разликите, вели Арсов.

Тој нагласува дека значењето на директивата од 2014 година не е само во регулацијата на производството и прометот на цигари, туку со неа првпат на ниво на ЕУ се даваат јасни насоки за регулација и на другите тутунски производи како што се тутун за рачно виткање и луле, тутун за наргиле, потоa рaстителните билни цигари, електронските цигари и нови тутунски производи кои не припаѓаат во претходните групи. Co тоа, првпат на европско ниво сите тутунски производи се ставени заедно, а не како порано тие да бидат расфрлани низ различни закони и директиви.

cigari211141120120001

Тутунот да биде помалку атрактивен

Според измените во европскиот закон, има десет промени што од следниот месец мора да се почитуваат во производството и трговијата со тутун во ЕУ.

Земјите од заедницата имаат обврска да ги исполнат новите барања во следните месеци за да го направат тутунот помалку атрактивни за младите, а општеството да се информирана за штетните ефекти од цигарите врз здравјето. Две третини од површината и од двете страни на кутијата ќе бидат зафатени од слики и текст со предупредувања за ефектите кои има пушењето цигари врз здравјето. За брендот остануваат меѓу 30-35 отсто од површината на кутијата.

2cigari

Во моментов овој сооднос е обратен стои во извештајот на Европската комисија.

Графички и текстуални предупредувања ќе има и на пакетите со тутун за рачно виткање цигари, кој не ќе смее да содржи дополнителни ароми, на пример од ментол или ванила кои го прикриваат вкусот и мирисот на тутун. Но за нив забраната стапува во сила за 4 години, односно во 2020 година.

Последните измени забрануваат неправилна форма на кутии на цигарите. Од пазарот ќе исчезнат и пакувањата со помалку од 20 цигари. Ова ограничување нема да важи за количествата пуштени во продажба пред 20 мај 2016 година, кои ќе може да бидат продадени до 2017 година.

Предвидено е и секоја пратка да се следи електронски и забрането е да се продаваат цигари преку гранично без можност истите да се следат каде завршуваат.

Директивата за тутунските производи прави регулации и при трговијата со електронски цигари. Тие нема да се забрануваат, но прв пат се воведуваат барања за безбедност и квалитет на електронските цигари, кои содржат никотин. Бидејќи никотинот е токсична супстанција, со директивата ќе биде одредена максималната концентрација на никотин и максималните димензии на муниција, резервоарите и контејнерите со течност. Електронските цигари треба да бидат безбедени за деца и заштитени од фалсификување.