Лани уништени 100 тони грозје полно со пестициди
Микробиолошка неисправност, контаминираност, вишок пестициди и поминат рок се само дел од причините за огромната количина храна уништена лани од Агенцијата за храна и ветеринарство. Според податоците, од нивна страна лани биле уништени вкупно околу 300 тони храна и од животинско и од растително потекло. Во депонијата Дрисла просечно се уништуваат 2.000 тони храна годишно по различна основа. Дел од неа е од фирмите што тргуваат или произведуваат храна, а дел е од инспекциските контроли. Официјалните институции немаат вкупна бројка што би ја дала количината на храна што се фрла и уништува годишно, бидејќи некои од градовите воопшто немаат и депонии. Проблемот со фрлањето и уништувањето храна не е непознат ниту на Европа. Според последниот извештај на Европската комисија. повеќе од 100 милиони тони храна годишно се фрла во земјите членки. Америка е рекордер во тој поглед. Годишно таму се фрлаат околу 34 милиони тони храна, од која само 3 отсто се рециклирани.
Во Агенцијата за храна велат дека од нивните официјални ветеринари минатата година биле конфискувани и уништени вкупно 16.199 килограми храна од животинско потекло.
Уништување на храна
– Од инспекторите за храна во минатата година биле уништени 115.336 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, од кои 100.000 килограми грозје. Причините за уништување на храната најмногу се однесувале на хигиенска и микробиолошка неисправност, контаминираност, несоодветно декларирана храна или поради изминат рок на употреба – велат од таму.
Невообичаено во бројките е што годинава за разлика од минатите години има голема количина запленето и уништено грозје, кое биле премногу третирано со пестициди.
Абдулезел Догани заменик на директорот на Агенцијата за храна вели дека заплената и уништувањето на храна не се нешто ново што се случува прв пат, туку е појава што се повторува секоја година.
– Ако при контроли констатираме поминат рок кај некој оператор со храна, храната се запленува и задолжително се уништува. Ако самата компанија констатирала дека има храна со поминат рок и ја повлекла од употреба, должна е да ја однесе на депонија, да ја уништи и за тоа мора да поседува документ за отпис на храната и потврда каде завршила – вели Догани.
Во фирмите што произведуваат и тргуваат со храна велат дека таа со поминат рок се фрла на депонија. Но, иако законски се должни да обезбедат и писмена потврда за тоа, никој од нив не сакаше да зборува дали ја поседува.
Европејците најголеми недомаќини
Според извештаите на Европската комисија, Европејците се најголеми недомаќини. Во ЕУ годишно се фрла храна повеќе од 100 милиони тони. Во Америка фрлената храна е над 34 милиони. Според европските процени, количината на фрлената храна до 2020 година ќе се зголеми на 126 милиони тони.
Според европските извештаи, за 42 процента од вкупната количина фрлена храна одговорни се домаќинствата, а за 39 отсто е одговорна прехранбената индустрија. За околу 14 проценти виновни се рестораните, а маркетите за 5 проценти од храната.
Во Франција во 2014 година, количината на фрлената храна од домаќинствата била 11 пати поголема од продавниците за прехранбени производи. Според истиот извештај, домаќинствата купуваат премногу храна, која лесно се расипува ако се чува на несоодветен начин. Во исто време се купуваат производи на кои брзо им истекува рокот на употреба. Во Германија, пак, според една студија од Универзитетот во Штутгарт, годишно на ѓубриште се фрлаат 11 милиони тони храна. Според процените на европските експерти во ЕУ годишно се фрлаат околу 180 килограми храна за жител. Затоа, Европскиот парламент поведе иницијатива за делумно намалување на количествата фрлена храна со план до 2025 година тие да се преполоват.
Една третина од произведената храна завршува на отпад
Светот фрла една третина од храната произведена на годишно ниво, со што отпадоците од храната се третиот по големина извор на емисиите на стакленички гасови, се вели во извештајот на Обединетите нации.
Организацијата за храна и земјоделство на ОН направи истражување кое покажа дека секоја година залудно се трошат околу 1,3 милијарда тони храна.