Лешникот инвестиција што се враќа за неколку години
Македонија е идеално поднебје за одгледување на лешник. Сашо Крстевски од Скопје веќе 6 години се занимава со одгледување на лешник. Во бизнисот го вовела италијанска фирма. Почнал со еден хектар садници, за денес да има сопствени 5ха и бизнис со 250 кооперанти низ цела Македонија.
Од година во Година во нашата држава се зголемува интересот за одгледување на лешници. Вака ја почна својата бизнис приказна за „Зелена берза“ Сашо Крстевски од Скопје. Со одгледување на лешници се занимава веќе 6 години. Но идејата за отпочнување ваков бизнис не е случајна. Претходно како млад човек, сакајќи да заработи и да си го зголеми сопствениот буџет заминал во Италија на сезонска работа. Работел 7 години како сезонски работник на плантажа со лешници и не ни помислувал дека ќе продолжи да се занимава со ваков бизнис, бидејќи претходно не се занимавал со земјоделие. Толку ја стекнал довербата кај работодавецот, што италијанската компанија му предлага бизнисот со лешниците да го прошират на македонско тло. Тонда Џентиле Делла Ланге е најценетата сорта на лешници во кондиторската индустрија. Крстевски раскажува дека се намачил да ја донесе оваа сорта кај нас. Италијанската фирма Глорија застанува зад неговите почетоци. Почнал со 1 ха површина , за сега да има 4 ха засаедни и уштре 1ха земјиште кое го подготвува за засадување на нови садници. Минатата година собрал 2 тони лешници. Годинава очекува род од 3 тона и очекува секоја наредна година производството да се зголемува.
Тонда Џентиле Делла Ланге кралица на сортите лешници
Карактеристиките што ги има оваа сорта на лешник и’ го даваат епитетот КРАЛИЦА на сортите. Станува збор за самоопрашувачка сорта, со квалитетна форма на плодот, со извонреден вкус и арома и добар рок на траење. По печењето добива карактеристична арома за што е многу барана во кондиторската индустрија.
Се повеќе се зголемува интересот за одгледување на лешници
Сашо Крстевски е единствениот застапник во државата на садниците од сортата Тонда Џентиле Делла Ланге. Тој во разговорт за „Зелена берза“ вели дека од година во година се повеќе се зголемува интересот за одгледување на оваа сорта лешници. Радува фактот што младите се повеќе се решаваат за ваков бизнис. Крстевски вели дека секој оној што ќе се реши за одгледување на оваа сорта лешници, заедно со садници добива и помош. Еден садник чини 3 евра и заедно садниците купувачот добива и соодветна едукација како да постапи, почнувајќи од садењето, соодветно третирање, берење и сл. Транспортот на садниците е обезбеден (бидејќи се увезуваат од Италија) и секоако располагаат соодветен сертификат за квалитет. Зад сето ова стои италијанската фирма Глорија , која покрај садниците и едукацијата, организира и посети кај кооперантите и доколку е потребно на самиот терен дополнително ги обучува производителеите. Најважно од се’ е тоа што со самото купување на садниците склучуваат и дговор за откуп кој им е загарантиран. Крстевски за „Зелена берза“ вели дека во моментов има 250 кооперанти низ цела Македонија, со 600 ха засадени лешници.
Македонија е идеално поднебје за одгледување на лешници
Македонското тло е идеално за одгледување на лешници вели Крстевски. Има доволно сончеви и топли денови како и влага. Може да вирее на надморска висина од 1100м, отпорна е на ниски температури ( издржува температура до -27степени целзиусови), рано цвета и плодот стигнува за берење кон средината на месец август.
Одгледувањето на лешници е бизнис чија инвестиција во целост се враќа за неколку години
Одгледувањето на лешници може да биде одличен бизнис а и хоби . Пресметките покажуваат дека инвестицијата за 1 ха изнесува 2000 евра. Оние што сакаат да почнат ваков бизнис може да добијат 30% помош од државата, субвенциите по хектар површина изнесуваат од 25 000 – 30 000 денари во зависност од критериумите во врска со големината на земјоделската површина. За еден ха потребни се 300 садници, да се изврши длабоко орање, соодветно ѓубрење и прихрана и работна рака за берење. Инвестиција што за неколку години се враќа вели Крстевски. Тој додава дека сега набавил механизација со што берењето на лешниците кое се очекува да почне на средината на август ќе го врши машински.
Лазе Јошевски од Битола е еден од оние што одгледувањето на лешниците го започнал од хоби, квалитетно да го потроши слободното време. За „Зелена берза“ вели дека на 6 декари има околу 320 садници и оваа година очекува да ја реализира првата берба. Садниците ги набавил преку Сашо Крстевски. За сега лешниците добро напредуваат, но за проширување не може да размислува затоа што нема дополнителна земјоделска површина. Им препорачува на сите оние што имаат услови и време, бидејќи треба посветеност во работата, да почнат со ваков бизнис. Најпозитивно во целата работа е што има сигурен пласман додава Јошевски.
Павлина Јовановска
за ЗЕЛЕНА БЕРЗА