Во текот на годината, малината може да роди двапати. Но, за да се случи тоа, потребно е да се засадат двородни сорти и да се одгледуваат на соодветен начин.
Малината ги формира плодовите на двогодишните изданоци, односно во втората година од нивниот развој. Но, некои сорти ( Heritage, Polanaи Polka) на едногодишните изданоци од пупките на врвот развиваат родни гранки кои раѓаат на крајот на летото и во текот на есента. Тој дел од изданокот изумира, а остатокот раѓа во втората година и тоа од половина на јуни до половина на јули. Тоа се таканаречени двородни или ремонтантни сорти. Може да се одгледуваат на два начини, во зависност од избраната сорта и намена.
Ако се сака да се добијат две берби, потребно е да се постави наслон од столбови и жица. Првиот род, созрева истовремено како и кај останатите еднородни сорти. Плодовите се наоѓаат на родните гранки, развиени на двогодишните изданоци.
Вториот род, пристигнува на крајот на летото и во текот на есента на родните гранки, израснати од пупките на врвот од овогодишниот изданок.
После завршувањето на зреењето на плодовите, односно после бербата, двогодишните изданоци, се скратуваат до земја. На тој начин, непречено се развиваат нови кои создаваат пупки во долниот дел за родност во текот на истата есен. Отстранувањето на изданоците после бербата ја намалува можноста од појава на болести, на оние кои се во развој. На крајот на зимата се режат врвовите на изданокот кои го донесле родот претходната есен и се приврзуваатза жицата. На двородните сорти на малина не треба да им се отстрануваат младите изданоци до почетокот на јуни, затоа што тоа ќе го доведе во прашање есенскиот род.
Друг начин на одгледување на двородни сорти е без наслон и хемиска заштита, а се заснова на изданоците кои се развиваат истата година, а по завршувањето на бербата сите се отстрануваат.
Ризикот од измрзнување на изданоците е намален, затоа што сите после бербата се отстранети, се изнесуваат од насадот и се спалуваат. За овој начин на одгледување, соодветни се сорти кои имаат кратки и силни изданоци.
Предноста на одгледување сорти само за есенска берба е во тоа што се продолжува сезоната на производство, но и употребата и понудата на свежи плодови од средината на август до ноември. Во насадот пред зимата нема надземни делови на растението, така што се намалува појавата на болести и штетници кои презимуваат на изданоците и пупките. Поради тоа, никаква заштита и не е потребна. Исто така, не постои ризик од ниските температури, ладните и суви зимски ветрови кои можат да ги оштетат изданоците на малината.
Зелена берза