вестиМакедонијаТоп вести

Мица Петрова-вредна и успешна градинарка од Карбинци

Младите  земјоделци  може да  го искористат искуството на постарите  и  со субвенциите  што ги дава државата  да отпочнат  сопствен  земјоделски  бизнис и истиот да го преточат во уште една  успешна земјоделска приказна, порачува Петрова.

Во Штипско многу жени се занимаваат со земјоделство, но за неа ќе ви кажат  дека е највредната  земјоделка. Кого и  да прашате за  Мица  ќе одговори- „вредната градинарка  од селото  Карбинци, во куќата  покрај патот, што  произведува пиперки и домати“.

Ја  посетивме. Пред нас голема куќа,  двор со  цреши и цвеќиња  и земјоделска механизација  до  капијата. Во дворот не  пречека наизглед  ситна  жена. Се насмевна  и не  поздрави. Ќе седнете  праша,  или да ве одведам во пластениците. Тргнавме по неа  и само со неколку чекори ја  поминавме  семејната куќа на семејството Петрови во Карбинци, а пред нас се појави огромна нива со наредени пластеници. Почнав да ги  бројам,  една, две, три… вкупно десет, реков.

-Тука е насаден пиперот Сиврија. Само него го садам, а овде  се доматите, ни раскажува Мица, додека не  дојдовме и застанавме до  најголемиот пластеник.

-Посадив  700 корења пипер. Ќе биде, се трудиме да биде добро. Знаете јас  сама го правам расадот. Купував  и друго семе, но не е како нашето-домашно.  Во секој пластеник има  500 корења  со пиперки  и домати, а  помалку  садам  краставици,  околу стотина  корења, вели нашата домаќинка.

Денот  на  Мица Петрова почнува со работа во пластениците. 66 годишната   земјоделка   вели дека  мора да го провери  родот на секој корен. Со  триесет  годишното искуство во  градинарството, таа знае дека за да се произведе мора да се вложи многу труд. Но, трудот се исплати, вели  нашата соговорничка.

Семејството  Петрови во Карбинци во една  земјоделска реколта на површина од  два декари произведуваат од 30  до 40 тони градинарски производи.

-Од мои девет  години сум на нива.  Триесет  години  работев во оранжерии, прво   во  комбинатот „Sвезда“  а потоа  и кај „Самандов“.  На  62 години  отидов во пензија, ги чував внуците и пак работев.  Не ги оставив  пиперот и доматите –  раскажува Мица.

За нашата  градинарка  соселаните  велат  дека  прва ќе  произведе, прва ќе го собери родот  и  ќе ги однесе  производите на пазар. Секој петок сама, а понекогаш  и  со синовите продава на тезга на пазарот во Штип. Но  продава  и на околните  пазари.

-Задоволна сум  од цените, а купувачите од моите производи. Не можам да се пожалам, вели таа.

Покрај  производството во пластеници, ова  земјоделско семејство  произведува   зеленчук  и  на отворено. Моркови, зелка, грав, грашок, нема што нема  на   нивата.

Мица  годинава, посади околу 6.000 корења  во пластениците. Очекува дека   семејниот бизнис  ќе има уште една добра година. Субвенции  зема од државата. Признава дека  многу и помага  семејството, сопругот, синовите и снаите. Но нејзе ништо не може да и излезе од контрола. Таа го има последниот збор  во семејниот бизнис, бидејќи е со најдолг стаж кога станува збор за градинарството и кога таа работи, се е сработено  како што треба.

-Не се откажувам. Само да сум жива  и здрава и  понатаму  ќе работам   земјоделие. Тоа  е се’ што сакам. Не сум уморна, напротив се чувствувам силна, а  работата  ме  исполнува. Понекогаш  заборавам колку брзо минува времето  во пластениците и денот поминал. Но, не се жалам, се што произведувам  е радост и  убаво е чувството кога знаеш дека тоа го направиле  твоите раце. Така е во земјоделството, сите се радуваме  на родот, порачува нашата  градинарка.

Од градинарство може  добро  да се живее, вели Петрова и потенцира  дека младите  земјоделци  може да  го искористат искуството на постарите  и  со субвенциите  што ги дава државата  да отпочнат  сопствен  земјоделски  бизнис и истиот да го преточат во уште една  успешна земјоделска приказна.

 

Јулија Малинова

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close