Министерот Бектеши патува за Косово по забраната за увоз на компир и мед од Македонија

(Oвој напис е објавен на: August 20, 2019)

 

 

Македонија бара од Косово да ја образложи забраната за увоз на компири и мед од земјава. Од Агенцијата за храна велат дека македонските производи ги задоволуваат највисоките европски стандарди и затоа бараат аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди Косово ја воведе оваа забрана.

“Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана”, изјави Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

По состанок меѓу надлежните институции, од Mинистерството за економија информираат дека министерот Крешник Бектеши утре наутро ќе се сретне со косовскиот министер за трговија Ендрит Шаља, во обид да се решат проблемите со трговските блокади меѓу двете земји.

Како резултат на забраната за увоз на икри и млади риби од Косово поради непозната здравствена исправност на овие производи според меѓународните стандарди, Приштина одговори со контра блокада на македонските компири и мед. Но, косовските власти предупредија и на целосна забрана за увоз од Македонија.

Бизнисот бурно реагира на трговските блокади меѓу двете држави.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, се огласи преку соопштение до јавноста.

“Одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала, за воведување на забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, е во најмала мерка популистичка одлука, која е неразумна и е донесена во погрешно време”, пишува во неговото соопштение.

И од Комората на Северозападна Македонија веќе апелираа до властите од двете страни да носат разумни одлуки со цел бизнисот да не трпи штета неосновано.

Извор: сител

 

Share Button