Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Серафимовски: Поголема економска самостојност и посилна социјална сигурност за жените земјоделки

Поддршката до 360.000 денари по корисник преку мерката 115 - „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, и вкупно 100.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство преку Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, чии средства со ребалансот се зголемени од еден на два и пол милиони денари, беа во фокусот на обраќањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски

Министерот Серафимовски: Поголема економска самостојност и посилна социјална сигурност за жените земјоделки

Поддршката до 360.000 денари по корисник преку мерката 115 – „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, и вкупно 100.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство преку Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, чии средства со ребалансот се зголемени од еден на два и пол милиони денари, беа во фокусот на обраќањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Струмица, на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена во организација на Националната федерација на фармери.

„Современата механизација ја олеснува обработката на земјата, а дигиталните решенија и вештачката интелигенција отвораат можности за попрецизно планирање и поефикасно производство. Ќе работиме тие можности да им бидат подостапни на жените, преку стручен совет, обуки и поддршка за инвестиции“, порача министерот Серафимовски.

Министерот Серафимовски информираше дека, според условите на јавниот повик за мерката 115, регистрираните земјоделски стопанства чиј носител или член е жена можат до 13 ноември 2026 година да аплицираат за средства за набавка на опрема за преработка и доработка на примарни земјоделски производи и за услуги за спроведување на деловниот план.

„Сакам и надоместокот за мајчинство од Програмата за социјална сигурност да стигне до секоја жена за која е наменет. Ги охрабрувам жените со статус на осигуреник–индивидуален земјоделец кои ги исполнуваат условите да се информираат и да поднесат барање до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најдоцна до 10 декември 2026 година“, рече министерот Серафимовски.

Осврнувајќи се на податоците од Единствениот регистар на земјоделски стопанства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во кој се евидентирани 129.226 земјоделски стопанства и 29.971 жена, од кои 3.918 се помлади од 40 години, министерот Серафимовски ја нагласи заложбата за поголемо учество на жените во управувањето со стопанствата и развојот на сопствени дејности, како и за надминување на стереотипот за земјоделството како „машка професија“.

„Во вашите успеси се гледа силата на македонското земјоделство, а во вашите идеи се препознава насоката за неговиот следен исчекор. Како министер, преземам обврска тие идеи да добијат поддршка, а вашиот глас да има поголемо влијание врз одлуките што ги носиме“, им порача министерот Серафимовски на жените земјоделки кои денес присуствуваа на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена во Струмица.

Поврзани новости

Back to top button