Мирјана Јошевска-Демирхисарски тегнат мазник, од вкусно имало и повкусно
Овој домашен специјалитет на тегнат мазник со сирење и расол е испробан рецепт на Мирјана која вешто и домаќински ја збогатува семејната трпеза за време на куќни слави, имендени, дружби со пријатели и други посебни прилики и седенки.
Домашно си е домашно, а и од вкусно имало и повкусно. Мајсторски направениот мазник на Мирјана Јошевска, од Демир Хисар нема да ви го наполни само стомакот, туку и очите и душата. Мирјана вешто и со леснотија испече три тави со тегнат мазник при посетата на екипата на „Зелена берза“ во нејзиниот дом во Мургашево.
Во различни краеви на државата овој месен специјалитет е познат и кака тегнета пита, кошпиле, вртен мазник, вртена пита, но како и да се нарекува е вистински специјалитет. Секој кој знае да прави тегнат мазник, внимава корите да бидат убави и тенки како лист за да биде што повкусен и попривлечен во изглед.
Овој домашен специјалитет на тегнат мазник со сирење и расол е испробан рецепт на Мирјана која вешто и домаќински ја збогатува семејната трпеза за време на куќни слави, имендени, дружби со пријатели и други посебни прилики и седенки.
-Секогаш кога ни се каснува нешто месено и вкусно, тука е тегнат мазник. Мајсторлакот го научив од баба ми, од мајка ми и од свекрва ми, вели со насмевка на лицето Мирјана.
Таа е родена битолчанка, омажена во Демир Хисар.
-Кога сака човек на се’ се навикнува, така и јас од градскиот се навикнав на животот во село. Најважно од се, е да се има љубов, волја и разбирање, порачува Јошевска.
Мирјана е вредна и вешта во подготовка и на зимница-компоти од вишна и праска, лутеница, ајвар, лутиче, пиперки на повеќе начини, мармалад од сливи, слатко од модри сливи со оревче, се што вирее на ова поднебје.
Потребни состојки:
-1 кг брашно,
-1 филџан масло,
-малку сол,
-топла вода,
-сирење, пржен расол или други состојки за фил по желба.
Подготовка:
Тестото се замесува во сад за месење со потребните состојки, вода се додава по потреба, онолку колку што бара брашното, но важно е да напоменам дека тестото треба да биде на меко. Потоа од тестото правам топчиња, малку ги расукувам и ги мачкам со масло. Ги оставам да отстојат околу 15 минути пред да почнам да ги тегнам корите. Прво се растегнува средината, па краевите. Со секоја кора се постапува исто. Корите како што се растегнати, ги намрсувам и ги ролам, ги виткам со веќе подготвениот фил. Потоа во форма на круг ги редам во тавата. Се пече на околу 250 степени, додека не добие убава румена боја.
На домашно подготвен тегнат мазник ретко кој може да одолее!
Анета Блажевска