fbpx
ВестиТоп вести

Младите од руралните средини ги рушат стереотипите, се забавуваат, студираат но и иселуваат

Во руралните средини населението  претежно се занимава со земјоделие и од тоа најмногу им зависи егзистенцијата.  Модерниот начин на живот сè повеќе е присутен    и малку по малку се менува традиционалниот начин на живот. Се менуваат навиките, се рушат стереотипите . Повозрасните тешко ги менуваат своите навики , но затоа пак младите се борат со предрасудите, ги рушат стереотипите, се школуваат, забавуваат. Сакајќи да живеат поубаво на оние на кои им се пружила шанса заминуваат во „еден правец“.

Озлем Алимовска е млада девојка која живее во с. Будаково Општина Новаци. Една од многуте студенти од рурална средина која не дозволила стереотипите од градот да и го попречат патот во остварувањето на нејзините соништа. Студира паралелно два факултети , природно математички факултет и турски јазик и книжевност во Скопје. Уште на почетокот од студиите се судрила со дискриминација. Колегите од градските средини гледале  на неа со понижување, дека е помалку вредна  како студент од село. Успеала сето  тоа да го надмине со учење и со знаење, кога им докажала дека не е ништо подолу од сите тие што и се потсмевале.

„Сакам  многу да читам. Најважното што еден човек може да го има е знаењето. На почетокот ме навредуваа и ме гледаа со други очи. Ти си од село , ми велеа. Но подруго е кога ќе седнеш и ќе направиш муабет со човек. Кога ме запознаа подобро видоа дека не сум ништо помалку вредна од нив, раскажува за Зелена берза Озлем Алимовска.

Животот на село е поинаков, но и тука се менуваат работите. Младите сега имаат повеќе можности. Посебно женските деца, порано не им било дозволено да студираат, но сега ако сакаат да учат може да го прават тоа.

„Село си е село. Има многу работа  и не можеш да се сконцентрираш на учењето. Но ако си речеш „јас сакам да учам, сакам да студирам“  и ако имаш можности, тогаш има поддршка од родителите и можеш да студираш. Нема секој можност да замине негде да студира. Кога сум дома им помагам на моите родители. Работиме тутун, пипер, бостан,мораме  од тоа живееме, објаснува Озлем.

Како и младите во поголемите места така и овде во с. Будаково младите сакаат да излезат, да прошетаат и да се забавуваат. Да одат во кафулиња да се дружат. Озлем вели дека во селото нема услови за забава. За да егзистираат младите мора да помагаат и дома, а единствена работа од која може да се опстане е земјоделието. Се разбира дека би сакале да работат нешто поразлично од земјоделието.

„Ние растени сме на село и знаеме каков е животот тука, но ако не се смени нешто во државата тешко дека некој ќе остане овде. Имам другарки, другари, роднини кои не може никаде да најдат работа. Би останала овде ако се променат работите ако има иднина за младите“, вели Алимовска.

Радува фактот што во Будаково има млади луѓе, а од нив ги има оние што сакаат да се школуваат и продолжуваат со своето образование, но ги има и оние што навикнале на живот со земјоделие.

Доаѓаат нови генерации кои оставаат свој печат во животот. Под налет на модерното, малку по малку населението ги менува своите навики и обичаи. Оние строго поставени адети во турската култура се менуваат, особено за женските деца. Ако некогаш изборот на сопруг го правеле родителите , без при тоа да се почитува волјата на девојката, сега таа практика се напушта.

„Јас сама ќе си изберам. Јас ќе си го живеам тој  живот, а не мајка ми и татко ми. Макар што има случаи  старите да бараат зет или невеста не само надвор од селото туку и од странство“, вели Озлем.

Во с. Будаково живеат околу 300 жители од  турска националност. Некои работи се менуваат, но населението ги негува обичаите. Голем дел се роднини, така што својата животна среќа ја бараат во соседните села или пак во странство. Старосната граница за мажење и женење се зголемува. Во селото има и не мажени и не женети. Кај мажите ги има и на 40 годишна возраст. Барајќи подобар живот многу  се отселиле особено во прекуокеанските земји. Свадба кога ќе има сите знаат да се веселат. Тогаш не се може без чеиз и дарови  од невестата и секако златен накит од двете страни, но машката страна предничи. Традицијата и обичаите се негуваат, но сепак колку и што ќе се потроши зависи од економската моќ на сватовите.

Како и да е промените се неизбежни. Желбата за повеќе и поубаво е присутна.

Младите стануваат свесни дека доколку сакаат подобар живот мораат да работаат и  да се едуцираат. Исто така стануваат свесни дека не доаѓа среќата кај нив туку тие треба да ја побараат, понекогаш и надвор од родното место.

 

Содржините на оваа веб – страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија

 

П.Јовановска

 

Слични написи

Back to top button
Close