
МЗШВ: Цената на пченицата и јачменот е пазарна, ние не ја одредуваме
На располагање е мерката за складирање на пченица и јачмен во сместувачки капацитети, во периодот од 15.06.2026 до 15.09.2026 година. Министерството внимателно ќе ја следи состојбата и ќе остане во редовна комуникација со сите производители и откупувачи – изјавија од Министерството за земјоделство.
По бројните реакции на земјоделците дека државата не објавува колкава ќе биде цената на пченицата и на јачменот, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за „Слободен печат“ изјавија дека цената ја одредувае пазарот, а дека само ако има потреба, држвата може да реагира.
– Висината на откупната цена на пченицата и јачменот се формира согласно пазарните услови. Законот за земјоделство и рурален развој предвидува доколку има потреба државата да интервенира на пазарот преку мерки, вклучително и интервентен откуп и утврдување интервентна цена, во услови на пазарни нарушувања, со цел стабилизација на пазарот и заштита на земјоделските производители. Меѓудругото, потсетуваме дека на располагање е мерката за складирање на пченица и јачмен во сместувачки капацитети, во периодот од 15.06.2026 до 15.09.2026 година. Министерството внимателно ќе ја следи состојбата и ќе остане во редовна комуникација со сите производители и откупувачи – изјавија од Министерството за земјоделство.
Од Министерството посочија и дека е одржана седница на Потсекторската постојана група за жита, на која беа разгледани очекуваните приноси на пченица и јачмен по региони, како и тековните состојби на пазарот.
Земјоделците алармираат што побргу да се објави заштитната цена и стравуваат дека во силосите сè уште не е потрошена ланската пченица.
– Како стратегиски производи, пченицата, јачменот и оризот имаат поинаков третман и тој се регулира во Законот за земјоделство, во Законот за стоковни резерви, во правилници. Министерството за земјоделство распишува тендер на кој учествуваат високообразовни институции. Така, Земјоделскиот институт, или Факултетот, ја пресметуваат производствената цена. Заштитната цена што важи за земјоделците е производствената плус 25 проценти. Ако се продаде над оваа цена, или по неа, Владата нема никаква обврска кон нас. Но, ако не – има сет на мерки што ѝ се на располагање, како додатоци до таа цена, откуп за стоковни резерви, финансиска поддршка за складирање – објаснува за „Слободен печат“, Ѓорѓи Каракашев од Национална мрежа на земјоделци.
Националната мрежа направи своја пресметка на цената. Оттаму посочија дека поради огромниот скок на цените на вештачкото ѓубриво и на горивата – за 50 проценти во однос на лани, производната цена на пченицата е зголемена за 2 до 3 денари по килограм и се движи од 17 до 20 денари.
„При низок просечен принос од 3.500 килограми по хектар, производната цена изнесуваше 17,14 денари. Со новите поскапувања, таа надминува 20 денари за килограм.
При принос од 4.000 килограми по хектар, производствената цена изнесуваше 15 денари, а сега реално изнесува околу 17 до 18 денари за килограм.
Јавно ги повикуваме надлежните институции итно да излезат во јавноста и со сопствени аргументи да ги потврдат или да ги демантираат овие пресметки.




